Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Европскиот парламент во Брисел остварила средба со европратениците Дан Барна (Renew, Романија), Тајс Ројтен (С&Д, Холандија), Матеј Тонин (ЕПП, Словенија) и Карло Реслер (ЕПП, Хрватска).
На средбата, како што соопшти претседсателскиот Кабинет, таа потсетила на 21-годишниот кандидатски статус на државата и на нејзината континуирана посветеност на европската интеграција, поткрепена со значајни реформи.

Таа истакнала дека политичката волја за напредок не треба да се очекува само од земјите кандидатки, туку и од самата Европска Унија, од која се потребни креативни решенија за надминување на долгогодишниот застој, без доведување во прашање на македонскиот национален и културен идентитет.
Соговорниците се согласиле дека местото на македонската држава е во Европската Унија, каде што природно припаѓа, независно од предизвиците на патот кон членството.

За дел од европратениците, искуствата на нивните држави потврдуваат дека пристапниот процес може да биде долг и исполнет со тешки услови, а напредокот не секогаш да биде препознаен.
Сиљановска-Давкова оценила дека континуираниот дијалог и заедничкиот ангажман можат да придонесат за обновување на динамиката на проширувањето, како стратешка инвестиција во стабилноста, безбедноста и единството на Европа.

