Вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ како и во неговите фирми „Флораком“ и „Луна“ протестираат, градоначалничката Арсовска се крие. Проблемот со платите и останатите додатоци повторно ги извади на улица вработените кои се собраа пред канцелариите на градоначалничката Данела Арсовска за да си ги побараат платите кои веќе им доцнат втор месец. Претседатедателот на независниот синдикат на државната администрација, Горан Ристески, изјави дека и покрај тоа што имаат потпишано спогодба и колективен договор, воопшто не им се исплатени платата за август, регресот за 2022 година, јубилејната награда од 2022 година наваму и новогодишните награди.
„Беше договорено тоа да биде сукцесивно, значи роковите одамна поминаа. Сега има и застарување на побарувањата. Откако дојдовме како синдикат во „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“, вработените почнаа редовно да ги земаат платите, доцнеа со три, четири месеци. Во континуирана комуникација со сегашното раководство на „Паркови и зеленило“, сепак успеавме да ги доближиме разликите меѓу платите наназад, но сега немаат земено плата за август, а набрзо ќе немаат и здравствено осигурување“, изјави претседатедателот на независниот синдикат на државната администрација пред просториите на Град Скопје, , Горан Ристески.
И покрај нивните напори за разговор со градоначалничката на град Скопје, од неа одговор нема. Вработените бараат плата и почитување на Законот за работни односи. Ристески додаде дека и ова јавно претпријатие, како и другите не е во добра состојба и едвај врзува крај со крај.

„До 15-ти во месецот да се исплати плата за секој вработен во овие две институции. Доколку не се исполнат барањата согласно закон ние ќе продолжиме со протест, но не се исклучени и порадикални мерки. Има разни опции, има бел штрајк…“, додаде Ристески.
Град Скопје возврати со кратка реакција дека прашањето е во надлежност на самото претпријатие и неговите управни органи избрани од Советот на Градот, упатувајќи ги медиумските прашања и одговорноста за тековните и вонредни активности кон „Паркови и зеленило“. Со тоа градската администрација ја дистрибуира одговорноста кон управувачките органи на ЈП, без најава за итен финансиски интервенциски чекор.
