Реклама
Економија

Трипуновски: Историска исплата на субвенции за земјоделците – за 6 месеци добија 70 милиони евра

Владата за 6 месеци го расчисти она што земјоделците го чекаа со…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Владата за 6 месеци го расчисти она што земјоделците го чекаа со години. Исплатени се досега рекордни 70 милиони евра за субвенции, редовни, но и заостанати од минатите години. Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски вели дека се обезбедиле околу 40 милиони евра кои се потрошиле за исполнување на обврските од претходните години. Во претходните два дена биле исплатени 28 милиони евра за субвенции на 78 илјади земјоделци за тековната 2024 година. Се поделиле субвенции за кравјо, овчо и козјо млеко, за обработлива земјоделска површина, за употреба на сертифициран семенски материјал, за одржување на постоечки овошни и лозови насади, за сточарско производство.

„Над 294 милиони денари кон 4.533 производители за кравјо, овчо и козјо млеко се исплатени субвенциите за првите 6 месеци од тековната 2024 година. Околу 83 милиони денари кон 10.727 македонски земјоделци е исплатена мерката 1.4 Директни плаќања за обработлива земјоделска површина. Над 392 милиони денари кон 23.626 земјоделци за мерката 1.1. Директни плаќања за обработливa земјоделска површина за сите поледелски култури. Над 233 милиони денари денари кон 9.172 македонски земјоделци за мерката 1.2 Дополнителни директни плаќања за подмерка 1.1 за употреба на сертифициран семенски материјал. Околу 118 милиони денари кон 8.729 земјоделци за мерката 1.8 односно Директни плаќања за обработливa земјоделска површина за одржување на постоечки овошни насади. 146 милиони денари кон 13.412 земјоделци, корисници на мерката 1.11 Директни плаќања за обработливa земјоделска површина за одржување на постоечки лозови насади. Околу 417 милиони денари кон 8.680 македонски земјоделци за сточарско производство“ – вели Трипуновски.

Владата нема да се откаже од делењето субвенции на тутунарите, што беше едно од барањата на Светска банка за подобрување на јавните финансии. Министерот Трипуновски вели дека годинава е постигната рекордно највисока откупна цена на тутунот. Според него, земјава не треба да се откаже од една од стратешките култури, затоа што тутунот во Македонија е еден од најквалитетните во светот.

Реклама

„Владата му дава сериозен приоритет на тутунското производство, тоа го покажавме и во разговорите со сите откупувачи и земјоделски здруженија изминатиов период. Годинава имаме рекордна, највисока откупна цена на тутунот кој е наша стратешка култура, битна и од економски и од социјален аспект. Овие 400 денари се дополнети со 100 денари субвенција, има зголемување од 80 на 100 денари, или околу 500 денари ќе добие секој тутунопроизводител. Со ова покажуваме дека како Влада сме сериозно посветени да ја одржиме покрај другите и оваа земјоделска гранка што е многу важна за државата зашто произведуваме многу квалитетен тутун кој е многу баран надвор од нашите граници. Со ова што оваа година покажавме сериозна посветеност на оваа гранка, праќаме сигнал дека сакаме да го одржиме ова производство во земјава“, истакна Трипуновски

Во 2025 година, ќе продолжи и мерката „Здрава ужинка за секој ученик“ која ја започна претходната влада, но во модифицирана форма. Трипуновски вели дека мерката била добро осмислена, но лошо спроведена. Овошјето се фрлало во училиштата и градинките, а сомнителен бил и квалитетот на производите.