Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во рамки на работната посета на Литванија оствари билатерална средба со литванскиот министер за надворешни работи Кештудис Будрис и официјално ја отвори првата резидентна Амбасада на Македонија во Вилнус.
На средбата со Будрис, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во фокусот биле натамошното унапредување на политичкиот дијалог, економската соработка, евроинтегративната агенда, актуелните безбедносни предизвици и соработката во рамки на евроатлантското сојузништво.
Посебно внимание е посветено на европската интеграција, надминувањето на пречките и динамизирањето на пристапниот процес. Муцунски изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Литванија за стратешката цел на државата – полноправно членство во Европската Унија.
Тој ја реафирмира посветеноста на Владата на спроведувањето на реформската агенда, како и конструктивниот пристап кон изнаоѓање заемно прифатливо решение во билатералниот дијалог со источниот сосед, засновано на европските вредности и принципи.
Централен настан во посетата беше официјалното отворање на првата резидентна Амбасада на Македонија во Вилнус, со што се отвораат нови можности за продлабочување на политичката, економската и институционалната соработка меѓу двете земји.

– Повеќе од три децении нашите две држави градат пријателство засновано на меѓусебна почит, доверба и вредности што ги споделуваме, истакна Муцунски на свеченоста.
Тој упати и посебна благодарност за солидарноста на Литванија по трагичниот пожар во Кочани, кога четворица од најтешко повредените пациенти биле примени на лекување во Вилнус и Каунас.
– Македонскиот народ нема да го заборави тоа. Семејствата во Кочани нема да го заборават тоа. И јас нема да го заборавам тоа, истакна Муцунски.
Според него, воспоставувањето постојано дипломатско присуство во Вилнус ќе создаде дополнителни можности за економско, образовно, културно и технолошко поврзување на двете земји.
– Гледаме можности за продлабочување на економските врски, зголемување на трговијата и инвестициите, за поврзување на нашите студенти, академската заедница и уметниците, како и за заедничка работа во областа на иновациите и дигиталната трансформација, рече Муцунски.
Тој нагласи дека новата амбасада ќе има улога на мост меѓу двете држави, нивните институции, бизнис-заедници и граѓани.
– Оваа амбасада ќе биде мост меѓу Скопје и Вилнус, меѓу нашите институции и бизнис-заедници, и меѓу нашите граѓани. Заедно, нашите две дипломатски мисии ќе создадат посилна основа за дијалог, соработка и нови можности што ќе создаваат конкретни придобивки за граѓаните, истакна шефот на македонската дипломатија.

