Собранието попладнево, во рамки на 129. седница, оцени дека се прифатливи и можат да се дадат на натамошно, второ читање повеќе Предлог-закони: за изменување и дополнување на Законите за задолжително и за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, за изменување и дополнување на Законот за Фондот за осигурување депозити, за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, како и за изменување и дополнување на Законот за семејството.
Прифатлив за пратениците од владејачкото мнозинство, но не и за оние од опозицијата, беше и Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија, кој исто така беше усвоен и даден на натамошно второ читање.
Собранието го отфрли како неприфатлив Предлог-законот за семејна и станбена поддршка, поднесен од Левица.
За неколку точки од дневниот ред, како што рече претседателот на Собранието, немаше услови да се одржи расправата.
Пратениците почнаа и со амандманската расправа на Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, но откако беше усвоен амандамнот за бришење на членот 13, поднесен од Бојан Стојановски, Дафина Стојаноска и Бране Петрушевски, беше дадена пауза од еден час по барање на Фатмир Битиќи од СДСМ.
На Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки во Собранието се поднесени вкупно 2.158 амандмани, по ветото на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

