Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски учествувал на министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи, што од вчера се одржува во Будва, Црна Гора.
На форумот, на кој учествуваат министри од земјите на Западен Балкан и претставници на европските институции и агенции, министерот Тошковски имал две обраќања посветени на управувањето со миграцијата и граничната безбедност и на борбата против современите форми на криминал во дигиталната ера.
Министерството за внатрешни работи информира дека министерот ја нагласил стратешката улога на Македонија на балканската миграциска рута и конкретниот придонес на македонската полиција во заштитата на европската безбедност.
– Македонија не чека да стане членка на Европската Унија за да се однесува одговорно кон европската безбедност. Ние таа одговорност веќе ја преземаме. Ја преземаме преку нашата гранична полиција, преку заедничките операции со Фронтекс, преку борбата против шверцерските мрежи и преку конкретното усогласување со европските политики – истакнал Тошковски.
Тој посочил дека во првите десет месеци од годината е регистрирано зголемување од 29 проценти на обидите за нелегален премин на државната граница во споредба со претходната година, а во истиот период се откриени 23 случаи на шверцување вкупно 144 мигранти, со преземени мерки на кривичен прогон против 38 сторители.
Особено внимание било посветено на соработката со Фронтекс, чија заедничка операција со македонската полиција, почната на јужната граница во 2023 година, во август годинава беше проширена и на северната граница, а во завршна фаза се подготовките за проширување и на западната граница.
– Успешната соработка со Фронтекс покажува дека Македонија има и капацитет и политичка волја да презема одговорност. Но, истовремено покажува и дека вложувањето во нашите гранични капацитети е директно вложување во заедничката европска безбедност – нагласил министерот потенцирајќи ја потребата од натамошна техничка, кадровска и финансиска поддршка од Европската Унија.
Тошковски се осврнал и на напредокот во усогласувањето со европските политики за миграција и азил, особено во делот на визната политика, каде што Македонија има постигнато речиси целосна усогласеност со европската листа на држави чии државјани подлежат на визен режим.
Во обраќањето посветено на криминалот во дигиталната ера, министерот предупредил на растечките предизвици поврзани со киберкриминалот, онлајн измамите, злоупотребата на криптовалутите и вештачката интелигенција за криминални цели.
– Криминалот веќе функционира без граници. Нашиот одговор мора да биде еднакво поврзан, брз и ефикасен – порачал Тошковски.
Тој го истакнал и формирањето на новото специјализирано Одделение за истраги за злоупотреби на деца на интернет и истраги од отворени извори во рамките на МВР, со надлежност на национално ниво, како значаен чекор во зајакнувањето на капацитетите за заштита на децата од сексуална експлоатација во дигиталниот простор.
Министерот повикал на посилна оперативна интеграција на земјите од Западен Балкан во европските механизми за борба против криминалот, побрза размена на информации и електронски докази, како и поголеми инвестиции во дигиталната форензика, напредните аналитички алатки и одговорната примена на вештачката интелигенција во полициското работење.
– Нашиот заеднички успех не треба да го мериме само преку бројот на реализирани проекти или обуки, туку преку бројот на заштитени жртви, успешно спроведени заеднички истраги, разбиени криминални мрежи, навремено обезбедени електронски докази и одземени незаконски стекнати средства – нагласил Тошковски.
На маргините на форумот, министерот Тошковски остварил билатерална средба со Нина Грегори, извршна директорка на Агенцијата на Европската Унија за азил (EUAA). На средбата е разговарано за досегашната соработка, можностите за нејзино понатамошно продлабочување, како и за поддршката во процесот на усогласување на националното законодавство и институционалните практики со европските стандарди во областа на азилот и меѓународната заштита.
Посебен акцент бил ставен на јакнењето на административните и оперативните капацитети, размената на експертиза и продолжувањето на заедничките активности насочени кон воспоставување поефикасен и функционален систем за азил.
– Учеството на министерот Тошковски на форумот во Будва беше можност за афирмирање на конкретните резултати на македонската полиција, унапредување на соработката со европските институции и потврдување на улогата на Македонија како активен партнер во справувањето со заедничките безбедносни предизвици – оценува МВР.

