Во организација на ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија, од 5 до 7 ноември, во Скопје се одржува првиот Нефро-самит, на кој домашни и странски експерти ќе разговараат за најновите достигнувања во нефрологијата, превенцијата на бубрежните заболувања и можностите за подобрување на квалитетот на живот на пациентите.
Директорот на Клиниката за нефрологија, доц. д-р Никола Ѓорѓиевски, изјави дека самитот има цел размена на искуства и знаења меѓу стручњаците во насока на подобра грижа за пациентите.
– Нефролошкиот самит има цел да се разменат сите искуства и достигнувања меѓу колегите во насока на здравјето на нашите пациенти, да разговараме за најновите достигнувања и за новите терапевтски цели, а целта е да ги подобриме квалитетот и животот на нашите пациенти – рече Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека хроничната бубрежна болест претставува сериозен глобален здравствен предизвик, а меѓу главните ризик-фактори се дијабетесот и покачениот крвен притисок.

– Живееме во свет кога хроничната бубрежна болест е светска пандемија. Нашиот фокус на овие состаноци и дискусии е токму во процесот на превенцијата, односно рана детекција на ризик-фактори што придонесуваат за овие заболувања – истакна директорот на Клиниката за нефрологија.
На самитот ќе се дискутира и за ретките бубрежни заболувања, како и за бубрежната трансплантација, која, според Ѓорѓиевски, е најдобриот третман за пациентите со терминална бубрежна слабост.
– Бубрежната трансплантација е најголемиот благодат за овие пациенти, модалитет што овозможува поквалитетен живот, поголемо преживување и подобра ресоцијализација – рече тој.
Ѓорѓиевски рече дека самитот има меѓународен карактер и на него учествуваат експерти од повеќе европски земји.

– Имаме гости од Србија, Албанија, Црна Гора и од Бугарија, а предавачи доаѓаат и од Белгија, Франција и Шпанија. Сите несебично дадоа поддршка и веднаш се одѕваа на нашиот повик активно да учествуваат – изјави тој.
Директорот на Клиниката за нефрологија рече дека интересот за настанот е голем и оти на вчерашното отворање присуствувале повеќе од 200 колеги, поддржувачи и претставници на институциите.
Според него, сите го препознале значењето на бубрежното здравје како битен чинител во нашето општество.
Ѓорѓиевски притоа упати апел граѓаните повеќе да се грижат за здравјето на своите бубрези.
– Апелот е до сите да се грижиме за нашите бубрези бидејќи само така ќе им помогнеме и на пациентите, но ќе му помогнеме и на нашето општество, затоа што овие пациенти ги враќаме нормално да живеат, да се ресоцијализираат и да придонесуваат за општеството на нашата држава – нагласи директорот на Клиниката за нефрологија – Ѓорѓиевски.

