Светот се наоѓа во период на голема геополитичка нестабилност и длабоки историски промени, во кој меѓународните организации, особено ОБСЕ, мора да ја докажат својата корисност преку одржување на дијалогот и соочување со несогласувањата меѓу државите, порача швајцарскиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис, одговарајќи на новинарско прашање за глобалната безбедност на денешната заедничка прес-конференција во Скопје со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Касис нагласи дека меѓународната заедница се соочува со длабоки промени во глобалните односи.
– Во овој момент на голема геополитичка кревкост, размислувам и за големата сила на САД, каде што внатрешните демократски движења природно создаваат неизвесност во однос на иднината. Но, треба да размислуваме и за курсот на Русија, за долгорочната логика и тактика на Кина. Соочени сме со големи промени, со епохални промени. Не сакам да навлегувам во пофилозофска расправа за актуелната политика, но сигурно е дека се наоѓаме во историски период на исклучително длабоки промени, речиси 80 години по Втората светска војна – истакна Касис.
Тој нагласи дека ваквиот развој на настаните претставува сериозен предизвик за организации како ОБСЕ, кои мора да покажат дека може да придонесат за решавање на проблемите, а не само да бидат место за размена на мислења за прашања за кои државите веќе имаат согласност.
– За организации како ОБСЕ, ова е моментот кога треба да бидат корисни. Лесно е да се биде организација во која се разговара за убави работи и за кои сите се согласуваат. Многу потешко е да се биде организација што треба да се соочи со длабоки несогласувања во толкувањето на реалноста и во однос на иднината што треба да им се обезбеди на земјите – рече шефот на швајцарската дипломатија.
Касис упати апел до државите да ја преземат одговорноста за одржување на дијалогот посочувајќи дека токму тоа е една од основните задачи на ОБСЕ, вклучително и во односите меѓу Русија и Украина. Тој потсети дека обезбедувањето дијалог меѓу двете земји било дел од мисијата на Швајцарија за време на нејзиното претседавање со Организацијата оваа година.
– За жал, дијалогот не е лесно да се постигне. Не е тешко само затоа што Русија очигледно не е блиску до компромис, туку и затоа што ниту другата страна не е блиску до компромис – нагласи тој и додаде дека треба да се вложат сите напори за пронаоѓање дипломатско решение, кое ќе се стави крај на војната.
Во однос на улогата на големите сили во новите меѓународни односи, тој оцени дека САД историски имале значајна улога и дека може да продолжат да ја имаат, со оглед на тоа што се голема светска сила.
Касис додаде дека новиот светски поредок создава многубројни проблеми и предизвици, вклучително и во економската сфера.

