Продлабочување на билатералната соработка, зајакнување на економските и трговските врски, поддршка за стабилноста на Западен Балкан и европската интеграција, како и значењето на ОБСЕ во актуелниот безбедносен контекст, се заедничките приоритети што ги истакнаа денеска на прес-конференцијата во Скопје министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и министерот на Сојузниот оддел за надворешни работи на Швајцарија и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис.
На средбата, која се одржа во рамките на посетата на швајцарскиот министер на земјата, биле разменети мислења за билатералните односи, трговијата, економијата и можностите за нови инвестиции и деловни партнерства, како и за развојната соработка во периодот 2025 – 2028 година. Двајцата министри разговарале и за актуелните геополитички и безбедносни предизвици, швајцарското претседавање со ОБСЕ, состојбите во регионот, реформскиот процес во земјава и нејзината европска перспектива.
Муцунски оцени дека посетата има двојно значење бидејќи, покрај билатералните прашања, во фокусот е и улогата на Касис како претседавач со ОБСЕ. Тој нагласи дека средбата се одржува во исклучително важен момент за мирот, стабилноста и безбедноста во Европа, но претставува и можност за потврдување на одличните односи меѓу двете земји и заедничката определба за нивно натамошно унапредување.
– Со министерот Касис разговаравме за продлабочувањето на билатералната соработка со посебен акцент на трговијата, економијата и инвестициите. Оценивме дека постојат значајни можности за зајакнување на економските врски преку поголема поврзаност помеѓу деловните заедници и нови партнерства во повеќе области. Целта е економската соработка да стане уште посилен столб на односите и да создава можности за соработка и за граѓаните – истакна Муцунски.

Тој посочи дека во разговорите посебно внимание било посветено на ОБСЕ и актуелните состојби во регионот, при што бил поздравен ангажманот на швајцарското претседавање во услови на сложен безбедносен контекст.
Муцунски изрази уверување дека под швајцарско претседавање ОБСЕ ќе продолжи да има значајна улога во градењето доверба, дијалог и безбедност нагласувајќи дека Швајцарија во овие напори има цврста поддршка од македонска страна.
– Ние остануваме партнери на ОБСЕ и посветени на принципите кои во актуелните околности имаат сè поголемо значење – рече Муцунски.
Во однос на европската интеграција, тој ја повтори определбата на земјата за европска иднина и истакна дека со Касис разговарале за реформскиот процес и стратешката цел на Македонија, полноправно членство во Европската Унија.
Муцунски нагласи дека пристапот на Владата е реален, но и амбициозен, со продолжување на реформите, приближување кон европските стандарди и зајакнување на врските со сите европски држави.
– Со колегата Касис се согласивме дека новата геополитичка реалност бара повеќе лидерство, солидарност и единство. Во време на сериозни глобални промени потребни ни се предвидливост, одговорност и силни партнерства. Само така можеме да одржуваме мир и просперитет на европскиот континент – рече Муцунски.
Касис, од своја страна, истакна дека Швајцарија има одлични билатерални односи со Македонија од почетокот на нејзината независност, без разлика што ова е негова прва посета во деветте години на министерската функција.
Во своето обраќање издвои три аспекти на односите и соработката – хуманата димензија и разновидноста, економската соработка, како и стабилноста и европската интеграција.

Упати благодарност за солидарноста и помошта што земјата ѝ ги понудила на Швајцарија по трагедијата во Кран-Монтана на 1 јануари годинава. Тој потсети дека македонската поддршка била меѓу првите што пристигнале по несреќата, при што земјата понудила не само спонтана солидарност туку и конкретна помош имајќи го предвид сопственото искуство со трагедијата во Кочани.
– Сакам да ѝ се заблагодарам на Македонија за непосредната и брза солидарност по трагедијата што се случи девет месеци подоцна, на 1 јануари оваа година, во Кран-Монтана во Швајцарија. Вашата земја беше една од првите што укажа помош, не само што изрази спонтана солидарност туку понуди и неопходна поддршка, со оглед на искуството што, за жал, веќе сте го преживеале – рече Касис.
Тој се заблагодари и за придонесот на македонската дијаспора во Швајцарија, која, како што посочи, брои речиси 100.000 лица. Касис оцени дека дијаспората придонела и за поттикнување на швајцарската поддршка за развојот на Балканскиот Регион по распадот на Југославија кога земјите од регионот требало одново да ги изградат своите институции и општества.
Осврнувајќи се на културната и јазичната разновидност, тој рече дека и Швајцарија и земјава се крстопати на разни култури, јазици и традиции, што претставува можност за меѓусебно збогатување.
Во врска со економската соработка, Касис потсети дека претседателот на Швајцарската Конфедерација и министер за економија, Ги Пармелан, при посетата во април годинава имал средба со Муцунски и придонел за формирањето на Стопанската комора Швајцарија – Македонија.
Тој оцени дека економските односи се еден од најважните сегменти што треба да се развиваат нагласувајќи дека трговијата и економската размена придонесуваат за мир и стабилност.
– Економските односи се најважното нешто што треба да се развива затоа што онаму каде што поминува стока, не поминува оружје – рече Касис.
Како втор важен елемент на соработката ја посочи програмата за развојна соработка за периодот 2025 – 2028 година, преку која Швајцарија ги поддржува реформите што земјата сака да ги спроведе.
Тој појасни дека целта е до 2028 година поддршката постепено да се насочи кон поконкретна помош за економијата, отворањето работни места и создавањето можности за инвестиции. На тој начин, како што рече, треба да се зајакнат економските капацитети на земјата и да се придонесе за стабилноста на Западен Балкан.
Третиот аспект што го издвои беа стабилноста и европската интеграција. Тој нагласи дека просперитетот и стабилноста на Западен Балкан се приоритет за Швајцарија и за целиот регион на ОБСЕ, при што ја поздрави и поддржа европската перспектива на земјата за која оцени дека ќе придонесе за зајакнување на нејзината позиција во поширокиот безбедносен и политички контекст.
Касис посочи дека ОБСЕ може да помогне во процесот на интеграција преку набљудување и анализа на состојбите во владеењето на правото, како и преку олеснување на односите со соседните земји. Во таа насока, нагласи дека организацијата преку својата мисија во земјата е подготвена да продолжи да дава поддршка.
– Ние сакаме да се задржи довербата бидејќи, без доверба, нема безбедност, а без безбедност – нема ни просперитет. Тоа се трите концепти што Швајцарија ги избра како слоган за ОБСЕ – порача Касис.

