Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњаносвки оствари средба со раководството на Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“, организатор на меѓународната детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмарт“.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола соопштија дека градоначалникот Коњановски бил информиран за подготовките на 45. издание на Светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“ на која ќе учествуваат 18 делегации од 15 држави од светот.
Манифестацијата почнува викендов, а на свеченото отворање ќе биде врачена наградата Гран при која годинава ја освоија членовите на ликовното атеље „Артино“ од Белград, Србија, додека наградата за животно дело ќе му биде доделена на Хенри Лау од Хонгконг од НР Кина.

За време на денешниот прием во кабинетот на битолскиот градоначалник присуствуваше и 17 – годишната битолчанка Ана Полизовска, првата учесничка од Македонија која за првпат во изминатите 45 години е прогласена за најдобар учесник на колонијата. Полизовска на градоначалникот Коњановски му подари ликовно дело со мотиви од архитектурата на Битола.
