Со положување цвеќе пред споменикот на Револуцијата во Струга денеска се одбележа Денот на ослободувањето на градот од фашизмот – 8 Ноември.
Пред спомен-обележјето во центарот на градот се поклонија заменик-министерот за правда Ален Деребан, делегација на Општина Струга, предводена од градоначалникот Менди Ќура, како и од Советот на Општина Струга, Сојузот на борците од Струга, армијата, политички партии, пензионери, граѓани…

Заменик-министерот Деребан порача дека слободата не е дадена еднаш засекогаш, туку се освојува секој ден.
– За нас слободата е бескраен избор на пркос против предизвиците, изложеност на постојаните стравови од неизвесноста и конфронтација со сѐ она што се обидува да го сведе нашето размислување на комфор без жртви и откажувања. Затоа знаеме дека слободата не е дадена еднаш засекогаш, туку се освојува секој ден, рече Деребан.
Овој ден, како што соопшти Општина Струга, нè потсетува на храброста и пожртвуваноста на борците кои се изборија за слободата, но и на вредностите врз кои треба да ја градиме иднината.

– Слободата е наследство што треба да го чуваме, а жртвата на сите оние кои се бореле за неа никогаш не смее да биде заборавена. Наша обврска е да го зачуваме историското сеќавање и да продолжиме да градиме заедничка иднина заснована врз мир, почитување, единство и соживот, посочува Општина Струга.
Денес Струга е модерен град, кој блеска со својата светлост и убавина, град на две води, на мостовите и поезијата, пример за мултиетничка и мултикултурна толеранција.

