Со низа активности и тридневна програма, Неготино го одбележува 8 Ноември, денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор. Пред спомен-бистите на паднатите борци беше положено цвеќе, a Советот на Општината одржа свечена седница.
Во своето обраќање неготинската градоначалничка Марија Нацева се осврна на работењето и постигнатите резултати во првата година од мандатот. Таа рече дека фокусот бил ставен на кратење на непродуктивни трошоци, воведување финансиска дисциплина, а во креирањето на новиот развоен буџет, биле земени предвид и предлозите на жителите во општината.
Нацева се осврна на реализираното во сите делови на општината, изградените кружни текови, уредување на комунална инфраструктура, инвестициите во градинката, училиштата, младите, спортот и културата, разни форми за поддршка на населението.
-Се работеше во секој сегмент што значи подобрување на квалитетот на живеење – истакна Нацева, која се заблагодари на Владата и премиерот Христијан Мицкоски за обезбеденитесредства за финансирање проекти во сите општини во државата.
-На првиот јавен повик од Владата аплициравме со пет проекти за чија реализација ни беа одобрени средства во висина од 80 милиони денари и сите проекти се завршени. На вториот повик аплициравме со 10 проекти, за чие спроведување Владата издвои 160 милиони денари. Дел од проектите од вториот повик се завршени, дел се реализираат, а некои допрва треба да започнат да се реализираат – нагласи Нацева.
Таа најави и бројни развојни проекти во иднина, во сите области на секојдневното живеење.
Во рамките на празнувањето, синоќа во неготинскиот музеј беше отворена изложба на слики од уметницата Цветанка Јованова-Хермес.
Во чест на празникот, денеска попладне, според програмата, на старата градска чаршија во Неготино, е манифестацијата „Неготинско младо вино”.

