Со вкрстено испитување на вештото лице Анита Поповска, од страна на одбраната на второобвинетиот Артан Груби, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи доказната постапка за предметот „Државна лотарија“, во кој покрај Груби, обвинет е и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, и уште шест лица.
Прашањата од бранителот на Груби адвокат Владимир Доневски се однесуваа на надлежностите на Бирото за јавни набавки и Министерството за финансии во постапките поврзани со набавката на видеолотариски терминал.
Во однос на управната контрола што ја вршело Бирото за јавни набавки Поповска посочи дека основната улога на оваа контрола била да се провери дали при спроведувањето на постапката се почитувани правилата и процедурите од Законот за јавните набавки.
– Основната улога на управната контрола била да се провери дали при спроведувањето на постапката се почитувани правилата и процедурите на Законот за јавните набавки – одговори Поповска.
На прашањето дали Бирото имало можност да покрене прекршочна или кривична постапка, таа рече дека не знае кои други инструменти биле предвидени, посочувајќи дека во вештачењето ги следела нормативите во однос на донесувањето на заклучоците од финансиски аспект.
– Мислам дека прашањето е празно. Како што посочив, исклучиво ги следам нормативите во однос на донесувањето на заклучоците од финансиски аспект, но кои се тие други инструменти, јас не знам – рече Поповска.
Прашана дали последното плаќање по предметните јавни набавки било извршено на 26 септември 2025 година, по промената на раководството во Државна лотарија, вештото лице кусо одговори дека не знае кога била извршена промената на раководството.
Во продолжение, одбраната ја прашуваше за мислењето на Министерството за финансии во врска со информацијата на Државна лотарија доставена до Владата, односно дали одлуката за преземање активности за приредување игри на среќа има буџетски импликации.
Вештото лице потврди дека мислењето на Министерството за финансии се однесувало на потребата од преземање активности за приредување игри на среќа од страна на Државна лотарија, како и дека Министерството се повикало на член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа. Потврди и дека во заклучокот на мислењето било наведено оти Министерството, во рамки на своите надлежности, нема забелешки по информацијата.
На прашањето дали при изготвувањето на вештиот наод и мислење ги имала предвид Законот за буџетите, Законот за игрите на среќа, Законот за Владата и Деловникот за работа на Владата, Поповска одговори дека ги земала предвид законите во нормативниот дел, но не и Деловникот за работа на Владата.
– Законите да, во нормативниот дел, но Деловникот не сум го зела предвид. Не ги разбирам прашањата во однос на мислењето на Министерството за финансии. За да се добие едно мислење од Министерството за финансии има формулари што се потпишани. Да ги извадиме и да видиме кои се формуларите во однос на поднесените барања – истакна Поповска.
Во делот на прашањата за законските надлежности на Министерството за финансии, одбраната се повика на членовите 25 и 26 од Законот за игрите на среќа, при што посочи дека Министерството, освен административна улога, има и обврска да ја проверува соодветноста на документацијата доставена од друштвото во државна сопственост за приредување општи игри на среќа.
На ова реагираше обвинителството, со приговор дека во прашањето се изнесени констатации и дека од вештото лице од економска област се бара да потврдува законски одредби, што според обвинителството е прашање за завршен збор и анализа на доказите. Судот го одби приговорот.
На претходното рочиште, Поповска посочи дека предмет на вештачењето е постапката за набавка на видеолотариски терминали, од планирањето и спроведувањето на јавната набавка до склучувањето на рамковните спогодби, испораката на опремата и извршените плаќања. Таа тогаш наведе дека вкупно исплатениот износ за набавката е 596.125.511 денари, додека за третиот избран економски оператор не биле утврдени склучени одделни договори, испорака, фактурирање или плаќање.
Во предметот, покрај Груби и Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

