– Жителите од десет штипски населби од попладнево со техничка вода се снабдуваат со цистерни. Штипското комунално претпријатие „Исар“ има пунктови на кои што граѓаните во садови можат да полнат вода за техничка употреба, а дополнително се дели и флаширана вода за пиење. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Александар Арсовски вели дека на терен се седум цистерни, од кои по четири се на „Исар“ и на ТППЕ-Штип, а помош има и од соседните општини Карбинци и Свети Николе и една од општествено одговорна компанија. Флашираната вода за пиење е донација од четири општествено одговорни компании.

Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов попладнево прогласи дека во одредени делови од градот има кризна состојба, бидејќи 40 часа немаат вода за пиење, но и поради новиот дефект на главната линија уште дополнителни 24 часа ќе немаат вода за пиење. Населбите Железничка, Пребег, Три Чешми, Ново Село, Исар, делови од населба Сењак, 8 Ноември и во наредните 24 часа ќе немаат вода за пиење. Жителите на овие населби, особено оние во повисоки зони веќе три дена немаат вода за пиење, поради санирање на дефект на главната водоводна линија, но денеска повторно пукнала главна цевка на водоводната линија.
-Дефинитивно имаме кризна состојба на одредени делови во нашиот град кои поради овој дефект ќе останат без вода повеќе од 24 часа. Она кое што можам да го направам е во текот на денот да се организираме со сите расположливи сили кои ги имаме како логистичка поддршка во рамки на јавните претпријатија, Територијалната противпожарна единица и целата механизација, овој дефект на главната водоводна линија да се санира час побрзо за да се нормализира водоснабдувањето, кое дефинитивно направи голем проблем- посочи Јорданов.
Во текот на ноќните часови се очекува да се санира новиот дефект на главната водоводна линија во Штип. Инаку, според локалната власт проблемите со водоснабдувањето во овој дел од градот се очекува да се надминат со пуштањето во употреба на трите нови резервоари.

