Старото хидројаловиште во Општина Пробиштип, кое се наоѓа во непосредна близина на градот Пробиштип ќе се рекултивира со средствата од Европската Унија, најави денеска градоначалникот Тони Тоневски. Тој посочи дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен при последната посета на Македонија најавила оти се обезбедени средства од фондовите на ЕУ за реализација на овој проект.
-Пред неколку дена кога беше во посета на Македонија еврокомесарката Фон дер Лајен има разговарано на таа тема и старата јаловишна депонија е влезена во топ-ап проектите од реформската агенда, значи се обезбедени средства од страна на Европската Унија и очекувам многу брзо да почне со физичка активност на оваа депонија – вели Тоневски.
Тој очекува дека рекултивирањето на старото хидројаловиште, односно рударска брана ќе почне наредната година, а самиот процес ќе опфати одводнување на просторот, поставување на геомембрана и последната фаза е просторот да се покрие со хумус, односно земја.
Тоневски додава дека по рекултивирањето на старото хидројаловиште, во кое со години е складиран отпад по преработката на олово-цинковата руда просторот ќе биде искористен за парк и изградба на нови спортски игралишта. Станува збор за површина од 55 хектари.

