Земја на југот на Европа, со вкусна храна и убаво вино, која не е преплавена од туристи. Си- ен- ен тавел, пишувајќи за македонските природни убавини ја мапира земјава како туристичка дестинација која што вреди да се посети. Во текстот се вели дека е опкружена со гребени и врвови, кои нудат пејсажи што го опфаќаат целиот спектар од четирите годишни времиња- од зелени падини до снежни карпи.
-Македонија е недоволно истражен дел од Балканот чија слоевита историја, од византиската и османлиската до југословенската ера, се комбинира со нејзините сеприсутни планини за да создаде збир на регионални култури со цврста посветеност на традицијата и топло, срдечно гостопримство… Земјата со 2 милиона жители сè уште не ги доживеала толпите туристи што го задушуваат поголемиот дел од Јужна Европа секое лето. Оние што се вклучени во туристичката индустрија се претпазливи во привлекувањето таков вид туризам бидејќи би можел негативно да влијае врз квалитетот на животот на жителите, се вели во текстот.
Во текстот Си Ен Ен травел пишува дека голем дел од она што може да се види во земјата лежи покрај малите, кривулести патишта што се протегаат низ селските предели. Се споменуваат беспрекорно сочуваните византиски манастари, некои стари и повеќе од 1.000 години, исполнети со украсни дрвени изработки, позлатени лустери и антички фрески.

-Меѓу најпознатите е Бигорскиот манастир. Националниот парк Маврово, пак, може да ви понуди октомвриско возење кое со своите бои може да ја „засрами“ секоја разгледница од Нова Англија. Свети Наум, кој стои на работ на Охридското Езеро од 905 година, е уште еден добро познат манастир. Охридското Езеро е бисер на земјата. Како дел од светското наследство на УНЕСКО, опкружено е со планини, а областа на Охридското Езеро привлекува посетители од целиот Балкан секое лето..
Некои доаѓаат за екотуризам. Езерото се гордее со околу 1.200 вида растенија и животни. Други доаѓаат за потрадиционално туристичко искуство: купување бисери по чаршијата во историскиот град Охрид, или пиење коктели во баровите сместени покрај брегот. Друг прекрасен национален парк, Галичица, го прегрнува источниот брег со спектакуларното Преспанско Езеро, се вели во текстот.
Се споменува и превкусната македонска храна, како и преубавото вино. Во текстот пишува дека климата и дава можнст на Македонија да биде една од најголемите вински земји во регионот.
Ајварот, што го има низ целиот Балкан, овде се третира со посебна почит, при што семејствата се мачат од самрак до зори во дворовите, во есенските месеци, за да наполнат доволно тегли за цела година. Ракијата, висококвалитетен балкански пијалак што Македонците обично го прават од грозје, се служи заедно со обилни порции салати, печено месо и свеж леб печен во рерна. Патниците треба да пробаат и бурек, најчесто послужен за појадок, но и ќебапи. Други локални деликатеси се пастрмалија од свинско месо и чорби, се вели во текстот.
Посебен дел од текстот е за главниот град. Пишува дека по земјотресот во 1963 тата, Скопје бил речиси срамнет со земја, поради што беше дел од масивен меѓународен напор за обнова. Си Ен Ен травел пишува и дека во Старата чаршија може да се најде сè, од свежи производи до барови и антиквитети. Масите во кафеаните во чаршијата и пошироко се преполни од рано наутро до доцна во ноќта. Се потенцира и дека градот е богат со културни настани, вклучувајќи филмски и музички фестивали. Голем дел од ова е остаток од југословенските денови на земјата, кога владата силно ги субвенционирала културните центри и уметничките програми.
Матеја Петровски
