„Кога Социјалдемократскиот сојуз беше на власт и централно и на локално ниво се создаде една огромна апатија кај граѓаните, но и недоверба во системот, во институциите и во политичарите. И затоа јас многу често го користам она дека „зборот е збор“ и кога ќе дадеме збор, односно ветување, најубаво е чувството, но и се враќа довербата кај граѓаните, кога ќе видат дека го испорачувате она што сте го ветиле“, изјави членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски во вечерашното гостување на Алфа Телевизија.
Ѓорѓиевски се осврна на состојбата со доскорешните капацитети на комуналната хигиена и потенцираше дека во изминатата декада Градот успеал да обезбеди само десетина возила потребите за истата на територијата на градот Скопје, додека пак Градот Скопје за десетина месеци откако тој како градоначалник стапи на функција, со поддршка од актуелната Влада и премиерот, обезбедија близу 30 возила, додека пак Градот обезбедил и дополнителни три возила за одлагање на отпад.
„Ако направите паралела изминатите 12 години се 10-тина возила обезбедени за Градот Скопје. Ние за десет месеци обезбедуваме близу триесет возила. Дополнително, како Град Скопје набавивме уште три возила коишто деновиве ќе бидат, исто така, презентирани во јавноста, коишто се за сервисирање, односно одлагање на отпад“, рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски сподели дека дополнително е пристапено кон решавање на уште еден сериозен проблем во делот на комуналната хигиена, како што вели тој, преку обезбедување на две претоварни станици од кои едната ќе биде стационирана во Карпош, а другата во Гази Баба, а чиишто цели ќе бидат насочени кон побрза организација во собирањето на отпадот како и оптимизација на ресурсите.
„Дополнително и еден сериозен проблем решивме, а тоа е обезбедување на две претовари станици, едната ќе биде стационирана во Карпош и ќе служи во делот Карпош, за одлагање на отпадот од Ѓорче Петров, но и делови од Центар, а онаа во Гази Баба кај што е и постоечката, кај Вардариште, ќе биде за Гази Баба и околните општини Бутел и останатите коишто се наоѓаат таму“ и додаде:
„Сега, кога камионите коишто се стари со децении непроменети, а со коишто ние располагаме, го собираат отпадот, хипотетички, од Карпош и од Ѓорче, веднаш штом ќе го соберат отпадот, а тоа се ограничени капацитети, треба да се упатат веднаш до Дрисла да го одложат отпадот, па повторно да се вратат назад. Претоварните станици ќе служат за да го акумулираат тој отпад од населбите, што значи дека значително помалку ресурси ќе трошиме гориво, човечки ресурси итн., но многу побрзо ќе бидеме организирани во делот на собирање на отпадот“.
Ѓорѓиевски, исто така, изјави дека во понеделник ќе се пристапи кон потпишување на договор за набавка на 3300 контејнери, со што ќе се комплетира и третата компонента во трите столба за нормално функционирање на комуналната хигиена во Градот Скопје.
„Денес морам да информирам, ете информирав дека е при крај жалбената постапка, но е завршена и од она што ме информираа веќе во понеделник потпишуваме договор за набавка на 3300 контејнери коишто значително недостасуваа на главниот град, тоа од една страна естетски ќе ги промениме сите оние позиции каде што грубо изгледаат изминатиот период со години наназад, но и дополнително на многу од позициите каде што се создаваше поголема депонија на некој начин беше поради недостатокот на контејнери“, заврши Ѓорѓиевски.
