Проекцијата за економскиот раст во 2026 година останува непроменета и изнесува 3,5 отсто. Оваа претпазливост произлегува од сè уште присутните ризици, имајќи предвид дека конфликтите на Блискиот Исток и во Украина продолжуваат, а глобалната економска активност останува неизвесна и во преостанатиот дел од годината. И покрај предизвиците, го задржуваме планираниот буџетски дефицит на нивото од 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од БДП. Тоа значи дека променетите економски услови и мерките преземени за заштита на граѓаните не доведуваат до неконтролирано зголемување на дефицитот. Напротив, преку внимателно планирање и оптимизација на расходите го задржуваме утврдениот фискален таргет, рече денеска министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го вториот ребаланс пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Како што истакна Димитриеска-Кочоска, во 2026 година државата треба да сервисира обврски во вкупен износ од 76,6 милијарди денари. Заедно со одливите за отплата на главнина, потребите за финансирање ќе се обезбедат преку домашни и надворешни извори, во согласност со законските обврски и динамиката на достасување на долгот.
-За отплата на главнината по основ на надворешен долг се предвидени 55,1 милијарди денари. За отплата на домашниот долг се предвидени 19,9 милијарди денари, што се однесува на достасани државни и структурни обврзници и краткорочни заеми од домашните деловни банки, а 1,6 милијарди денари претставуваат одлив по основ на даден заем кон Развојната банка. Дополнително, се сервисираат и обврски по основ на издадени едногодишни државни хартии од вредност во износ од околу една милијарда евра. Во финансирањето се предвидени и повлекувања средства од заемот од Европската Унија за Реформската агенда, како и средства од кредитни линии на меѓународни финансиски институции наменети за конкретни проекти. Важно е да се нагласи дека задолжувањето не се разгледува изолирано, туку во контекст на потребите за финансирање, достасувањата и одржливоста на јавниот долг, потенцира министерката.
Според неа, проекциите за јавниот долг остануваат непроменети со тенденција да бидат и поноиски во однос на тоа што е проектиртано.
– Нашиот пристап е јасен: редовно сервисирање на обврските, навремено обезбедување средства за достасаните плаќања и транспарентно управување со јавниот долг. Истовремено, продолжуваме да работиме на зајакнување на приходната база, подобрување на ефикасноста на јавните расходи и зголемување на ефектите од капиталните инвестиции, подвлече Димитриеска-Кочоска.
Таа повтори дека со предложените измени на Буџетот за 2026 година вкупните приходи на Буџетот за 2026 година се планираат на ниво од 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку од претходната проекција. Оваа корекција, рече, е резултат на внимателна проценка на остварувањата во текот на годината, очекуваните движења до декември и ефектите од преземените мерки за ублажување на ценовниот притисок.
Даночните приходи се проектираат на 209,8 милијарди денари, наспроти претходно планираните 213,3 милијарди денари, што претставува намалување од 1,6 проценти.
– Оваа корекција не произлегува од очекување за значително влошување на наплатата кај сите даночни категории. Напротив, остварувањата кај данокот на личен доход, данокот на добивка, ДДВ и увозните давачки, како и растот на приходите во однос на истиот период минатата година, укажуваат на континуитет во наплатата. Најголемиот дел од намалувањето се однесува на акцизите. Проекцијата на приходите од акцизи се намалува од претходно планираните 34,1 милијарди денари на 30,4 милијарди денари. Причината се одлуките донесени за намалување на акцизите на бензините и дизелот, како одговор на растот на цените на горивата на домашниот и на светскиот пазар. Намалувањето на приходите од акцизи е директен фискален ефект на мерките со кои се настојуваше да се ублажи товарот врз граѓаните и компаниите. Кај другите даночни категории се задржува континуитетот на планираните приходи, врз основа на досегашната реализација, очекуваните економски движења и планираните активности на надлежните институции. Очекуваме засилената даночна и царинска контрола, поедноставувањето и дигитализацијата на процедурите и активностите за намалување на сивата економија да придонесат за остварување на планираните приходи, информира министерката.
Неданочните приходи и донациите се намалуваат за околу две милијарди денари, целосно кај сопствените сметки на буџетските корисници. Оваа корекција е пред сè резултат на пролонгирање на спроведувањето проекти финансирани од самофинансирачки активности, во услови кога постојат ликвидни средства. Капиталните приходи се задржуваат на планираното ниво од 2,7 милијарди денари. Социјалните придонеси, како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување, остануваат непроменети и се планираат на 122,4 милијарди денари.
На расходната страна, вкупните расходи се планираат на 420,5 милијарди денари, што е намалување за 5,3 милјарди денари во однос на претходните проекции. Намалувањето е насочено кон расходни категории кај кои динамиката на реализација е послаба, како и кон ставки каде постои простор за рационализација, без да се доведе во прашање исполнувањето на законските обврски и финансирањето на најважните јавни услуги.
-Во услови на притисок врз приходите, секој денар од Буџетот мора да се користи одговорно. Затоа се предвидува намалување на одредени расходи за стоки и услуги и субвенции, со акцент на дисциплинирано трошење и подобро насочување на средствата. Истовремено, се обезбедува потребното финансирање за здравствените услуги и за социјално ранливите категории. Нашата цел е фискалното приспособување да биде внимателно и да не ги наруши услугите и правата што произлегуваат од законите. Капиталните расходи се ревидираат надолу за 5,8 милијарди денари. Оваа корекција произлегува од пролонгирање на динамиката на реализација на одредени капитални проекти, особено оние што се финансираат од сопствени приходи, донации и заеми, истакна Димитриеска-Кочоска.
Во текот на извршувањето на Буџетот, кај буџетските корисници се евидентирани и нереализирани капитални расходи до пропишаниот лимит заклучно со септември, кои претходно биле позиционирани на ставката резерви за капитални расходи. Заштедите од овие средства изнесуваат околу 2,5 милијарди денари. Намалувањето на проекцијата, како што објасни министерката, не значи откажување од стратешките развојни приоритети, туку дека буџетските средства се усогласуваат со реалната динамика и подготвеноста на проектите, за планирањето да биде пореално и за да се избегне задржување средства на ставки каде нивната реализација не може да се оствари во предвидениот рок. Приоритет остануваат проектите што создаваат долгорочна вредност, ја подобруваат инфраструктурата и квалитетот на јавните услуги.
Согласно ребалансот, во делот на капиталните инвестиции, продолжува реализацијата на значајни инфраструктурни проекти во повеќе области.
– Продолжува и изградбата на автопатската делница Скопје–Блаце, како и Проектот за поврзување на локалните патишта, Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан и инвестициите за безбеден и одржлив транспорт. Во железничката инфраструктура, продолжува втората фаза од изградбата и рехабилитацијата на делницата Бељаковце–Крива Паланка на источниот дел од Коридорот 8, како и проектот за изградба и опремување на заедничкиот железнички граничен премин со Србија, односно железничката станица Табановце. Значајни инвестиции се предвидени и во животната средина и комуналната инфраструктура. Продолжуваат проектите за рехабилитација и надградба на канализациските мрежи и изградба на пречистителни станици во Битола и Тетово, како и пречистителната станица во Скопје. Во јавниот сектор, продолжува Проектот за енергетска ефикасност во општините и јавните здравствени установи, како и изградбата на инфраструктура и објекти во технолошко-индустриските развојни зони. Во образованието, детската заштита и спортот, инвестициите се насочени кон изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови и опремување на универзитетите. Продолжуваат проектот за реконструкција на студентските домови, изградбата на фискултурни сали, реконструкцијата на училиштата и Проектот за унапредување на основното образование, рече Димитриеска-Кочоска.
Во социјалната сфера, продолжуваат проектите за подобрување на пристапот до социјалните права и услуги, проширување на капацитетите за предучилишно згрижување и воспитување и унапредување на социјалните услуги. Во земјоделството, капиталните инвестиции опфаќаат рурален развој, изградба на хидросистеми и модернизација на земјоделските стопанства. Продолжува Проектот за модернизација на земјоделството, вклучително изградбата на откупно-дистрибутивни центри, како и Програмата за наводнување.
Дополнително, продолжува финансиската поддршка за општините за реализација на капитални инфраструктурни проекти, зајакнување на нивната финансиска стабилност и поттикнување рамномерен регионален развој.
– Со овие инвестиции се обезбедува континуитет во реализацијата на клучните проекти, со цел подобрување на инфраструктурата и јавните услуги, создавање подобри услови за економски развој и унапредување на квалитетот на животот во сите региони, заклучи министерката.
По нејзиното обраќање, следуваше и препораката од Фискалниот совет – да се зајакне фискалната дисциплина кај сите буџетски корисници.
-За прудентно управување на јавните финансии се потребни регулирани и системски фискални политики врз основа на потенцијалот на економијата и неодложните потреби според зацртани приоритети, постојано намалување на дискреционите фискални политики. Колку помалку дискреција во фискалните политики, толку подобро. Покрај почитувањето на законски пропишаните фискални правила, да се создаде култура на почитување на златните фискални правила, односно да не се намалуваат капиталните расходи за сметка на тековните расходи, да не се зголемува буџетскиот дефицит над зголемувањето на капиталните расходи зашто можеме да оправдаме зголемување на буџетски дефицит доколку имаме зголемување на капиталните расходи и самиот закон тоа го овозможува. Во услови на одамна потрошен фискален простор и додатно на тоа растечки фискален притисок поради ценовниот шок на енергенсите, паралелно со мерки за подобрување на наплатата на јавните приходи преку намалување на неформалната економија, треба да се преструктуираат и оптимизираат јавните расходи со приоритет врз продуктивните капитални расходи во однос на тековните непродуктивни расходи или тековни расходи. Но, не можеме во недоглед да одиме со кратење на тековните расходи, треба да размислуваме за зголемување на приходната страна. Значи, ако не ги зголемуваме даночните стапки и ако политиката е да не се зголемуваат даночните стапки треба да се најде други механизми за да се зголемат приходите. Посебна препорака е перманентно да се зајакне фискалната и буџетската дисциплина кај сите буџетски корисници, со акцент на хиерархиската одговорност, е ставот на Фискалниот совет.
Седницата за ребалансот на која треба да се разгледаат повеќе од 120 амандмани, ќе продолжи по 30 минути пауза. Покрај министерката, присутен е и нејзиниот заменик Николче Јанкуловски.

