Реклама

Имунизација против грип: Вакцината е клучна за ранливите, но не е за секого

Акциски план за малцинствата пред Бугарите во Уставот – стратегија за заштита на националните интереси

Музејот во Ново Село – мост до минатото каде што историјата оживува

Македонската ослободителна мисла – идеали што создадоа држава

Над 120 амандмани – расправа за вториот ребаланс на буџетот

Мицкоски од Црна Гора: Нема да отстапиме од борбата за националните интереси, ниту од борбата да бидеме дел од ЕУ

Јосифовска не се појави во судница за тужбата против Лејла Кадриу

Милионски тендери за мрак во Кичево

Свечена заклетва на 30. класа питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“

Почна Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора – премиерот Мицкоски очекува силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан

Стратешко поврзување со Европа: Коридорите 8 и 10 се врвен приоритет на македонската Влада, за економски напредок и политичка стабилност

Над 134 илјади нерешени предмети во судовите, само 13 од 425 претставки до Судскиот совет биле основани

Македонија

Мицкоски: На политичките напади ќе одговараме со работа, резултати и реализација на националните и државните интереси

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на Свечената академија по повод 23 Октомври –…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на Свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба порача дека Владата ќе продолжи да одговара на политичките напади со работа, резултати и реализација на националните и државните интереси.

Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека е свесен за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, нагласувајќи дека носителите на јавни функции имаат обврска секојдневно да ја оправдуваат довербата на јавноста. 

-Знам дека има граѓани кои се уморни од ветувања. Знам дека има луѓе кои работат чесно, а на крајот од месецот повторно пресметуваат што можат да платат и што мора да одложат. Знам дека има родители кои се радуваат на успехот на своите деца, а во себе стравуваат дека тој успех ќе ги одведе далеку од дома. Пред тие луѓе секој носител на јавна функција мора да покаже скромност и почит. Нивната мака заслужува одговор, нивното време заслужува почитување, а нивната доверба мора да се оправдува секој ден – изјави Мицкоски.

Реклама

Осврнувајќи се на работењето на Владата во изминатите 29 месеци, Мицкоски посочи дека во услови на епски најголемата енергетска криза се реализираат шест автопатски делници, два гасоводи и еден далекувод, а инвестирани се повеќе од 90 милиони евра во образовната инфраструктура. Според него, преку општините се реализираат над 1.200 проекти со средства повисоки од половина милијарда евра обезбедени од централниот буџет.

-И кога ќе речат од опозицијата: „Што направивте за овие 27-29 месеци откако сте Влада?“… Го исправаме она, коешто го праспродававте така лесно насекаде во светот, кадешто  коленичевте воодушевени и заљубени во дебелите црвени персиски килими и кожните фотељи. Го исправаме она што го распродадовте, а тоа е нашата заедничка Македонија – рече Мицкоски.

Мицкоски оцени дека земјата бележи најниска инфлација во Европа и регионот и изрази благодарност до членовите на Владата.

-Кога вчера во Црна Гора зборував на моите соговорници за економските постигнувања, а некои од нив и самите ми приоѓаа и велеа „Одлични сте“. Тогаш за првпат како сум претседател на Владата се почувствува горд и ви благодарам на сите вас, сите мои соработници во Владата што заедно придонесовме да ова го постигнеме – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека, и покрај критиките од опозицијата, Владата ќе продолжи да работи на остварување на целите, предупредувајќи дека евентуалните грешки не смеат да бидат „геостратешки и катастрофални“.

-Колку ниско и да напаѓаат тие, ние ќе одговараме со работа и енергија. Одговорот е и во сплотеноста на народот и јасните цели. Реализациите на тие цели, барем за македонскиот народ, никогаш не биле лесни и послани со рози. Напротив, тешки биле и макотрпни. Дали на патот до тие цели има предизвици и грешки? Да, има. Но тие грешки никако не смеат да бидат геостратешки и катастрофални. Како што Организацијата пред повеќе од еден век зацртала свои цели и идеали и се стремела кон нив, така и ние денес треба да се обединиме околу еден стожер наречен национални и државни интереси и тоа да го спроведуваме без разлика на пречките кои ни се на патот – порача Мицкоски. 

Во говорот Мицкоски се осврна и на значењето на слободата и владеењето на правото, посочувајќи дека државата треба да обезбеди еднаква правда за сите граѓани, а знаењето, трудот и способноста да бидат поважни од партиската припадност.

-Слободата добива целосна смисла кога граѓанинот може слободно да зборува, чесно да заработува и спокојно да го планира животот. Кога законот важи еднакво за влијателниот и за обичниот човек. Кога партиската книшка ја губи моќта пред знаењето, трудот и способноста. Тоа е државата што сме должни да ја создаваме. И тука одговорноста започнува од нас што ја имаме довербата да управуваме. Функцијата е привремена, а последиците од нашите одлуки остануваат – изјави Мицкоски. 

Македонската државност е заедничка одговорност на сите нејзини граѓани, порача Мицкоски, посочувајќи дека нашите претходници ја преземале одговорноста во услови кога слободата изгледала далечна, а ние денес имаме држава, институции и можност да направиме многу повеќе. 

-Од нас се очекува да ја искористиме таа можност чесно и разумно. Тоа би било најдлабокото признание за оние што ја започнаа борбата. Нивниот сон денес е во наши раце. Да го носиме со почит, да го продолжиме со работа и да им го предадеме на нашите деца како посилна, поправедна и подостоинствена држава. И кога вечерва ќе се вратиме дома, да ги погледнеме нашите деца. Во нивните очи е најважното прашање на кое сме должни да одговориме: каква земја ќе ни оставите? Нашиот одговор мора да се гледа во животот што го градиме. Во правдата што важи за секого. Во трудот од кој чесно се живее. Во шансата секое дете да стигне онолку далеку колку што му досега сонот — и да посака својот сон да го оствари овде, во Македонија – нагласи Мицкоски. 

На крајот, Мицкоски порача дека слободата што ја наследивме носи одговорност, бидејќи некој пред нас верувал во оваа земја кога таа постоела само како сон и го дал највредното што го имал, и сега е нашиот ред да покажеме колку вреди таа жртва.

– Сакам еден ден нашите деца да можат да кажат: „Нашите родители веруваа во Македонија. Останаа исправени кога беше тешко. И ни оставија земја во која вреди да се живее.“ Тоа ќе биде нашиот најголем успех. Тоа ќе биде нашиот одговор пред историјата.  Затоа, да се исправиме пред одговорноста на нашето време. Ова е нашиот дом. Ова е нашето време. Ова е нашата одговорност – изјави Мицкоски, во своето обраќање на свечената академија по повод 23 Октомври — Денот на македонската револуционерна борба.