Кичево како Лас Вегас, со милионите што досега се плаќале за осветлување на градот, тој требало да се гледа од вселената. Но, наместо блескава слика, градот честопати потонувал во целосен мрак. Ревизорите открија шокантни информации за работењето на поранешниот кичевски градоначалник, по кои надлежните институции веќе постапуваат. А наследникот на Фатмир Дехари, Александар Јовановски, обелодени и нови детали за фирмата што го добила тендерот за одржување на уличното осветлување.
„Ставиле цена од едно евро за еден кубик бетон, што е научна фантастика, како што знам. Бетонот се движи некаде 70 до 75 евра по кубик, тие ставиле едно евро. Ставиле цена од 350 денари за улични бандери, кои реално чинат некаде 12.000 денари. И јас се обидував да стапам во контакт со нив и да извршам нарачка на тие, пошто толку се евтини. Меѓутоа, за жал, фирмата не успеа да ги испорача. Така да, по основ на тоа, го раскинавме тој штетен договор“, вели Александар Јовановски, градоначалник на Кичево.
Покрај договорот за одржување, општината за модернизација на системот за јавно осветлување плаќала по 34.000 евра месечно, а тоа требало да го прави и во следните 15 години, односно вкупно над 6 милиони евра – постапка за која ревизорите утврдиле значајни неправилности. Јовановски го раскинал и овој договор.
МВР, без да открива детали, само соопштува дека се покренати постапки против Дехари.
„Согласно евиденциите во ОВР Кичево, покренати се постапки против Ф. Д. и доставени се до ОЈО на нивна надлежност. За подетални информации, потребно е да се обратите до ОЈО Кичево“, објавија од МВР.
Од ОЈО велат дека постапуваат по сите ревизии во кои има сомнеж за кривично дело.
„Ревизорските извештаи во еден дел содржат наводи кои не се однесуваат на кривични дела, туку на други неправилности во процедурите. Обвинителството не е во можност да споделува детали за тоа кои аспекти од ревизорските извештаи евентуално ги истражува во интерес на постапката“, објавија од ОЈО.
Но, од каде општината ја набавувала електричната енергија за уличното осветлување? Од ЕВН појаснуваат дека општината струјата ја набавувала на слободниот пазар, преку снабдувачот „СБП Енерџи“. Поради тоа, немале податоци за висината на месечните фактури.
„Досега, согласно договор со трета фирма, средствата се распределуваа во договорен процент помеѓу фирмата и општината, преку цесии. Од оваа недела договорот е раскинат, а од ноември, целокупниот износ ќе се префрла директно на општината“, објавија од ЕВН.
Покрај договорите за уличното осветлување, спорни се и приходите од фотонапонската централа на двете средни училишта.
„На објектот на спортската сала, на средното училиште „Мирко Милески“ и средното училиште „Дрита“, постои фотонапонска централа, која што не знаеме кој ја раководи, чија е и каде одат средствата од таа централа, бидејќи училиштата не добиваат ништо“, вели Јовановски.
За фотонапонската централа е во тек судски спор помеѓу општината и инвеститорот. Од ЕВН велат дека немаат правен основ да го исклучат објектот без судска одлука.

