Климатските промени сè повеќе го отежнуваат земјоделското производство. Поради недостигот од дождови, доцни есенската сеидба на житни култури, а повеќе од 80% од нивите во Источниот Регион сè уште не се изорани. Наместо сеидбата да биде во полн ек, голем дел од парцелите не се ниту во фаза на подготовка. Единствен спас на земјоделците им е викендов да заврне, во спротивно голем дел од површините ќе останат непосеани.
„Ваква година не се памети. Нема дождови и речиси 80 до 90% од површините не се изорани. И по жетвата летото беше сушно, не можевме да ги изораме… Ако заврне некој дожд, да влезат во површините и да ги спремат“, изјави Гоце Серафимов, потпретседател на Асоцијацијата на земјоделци.
Дополнителен проблем за земјоделците се зголемените трошоци за производство. Нафтата и вештачките ѓубрива се покачени, додека откупната цена на јачменот и пченицата останува ниска. Подготовката на нивите за сеидба чини околу 1.500 денари за декар, што за земјоделците не е исплатливо. Од Асоцијацијата на земјоделци посочуваат дека се во постојан контакт со ресорното министерство и ќе бараат можност за помош преку интервентниот фонд.
„Нафтата е покачена околу 20%. Ѓубривата исто така се покачени… Ние сме во контакт со министерството, ќе бараме да се вклучи некој интервентен фонд“, изјави Гоце Серафимов, потпретседател на Асоцијацијата на земјоделци.
Околу 85% од површините под житни култури во земјава се сеат наесен, кога условите овозможуваат повисоки приноси. Сепак, домашното производство не ги задоволува целосно потребите на пекарската индустрија, поради што земјава и понатаму увезува пченица.

