Изградбата на регионална депонија кај светиниколското село Мечкуевци ќе овозможи управување со отпадот според највисоки европски стандарди. Отпадот од 18 општини во Источниот и Североисточниот регион ќе се собира селективно и ќе се транспортира до централната постројка, каде што ќе се врши негов понатамошен третман. Целта е да се воспостави интегриран систем со кој ќе се намали загадувањето и ќе се овозможи поголемо искористување на материјалите што можат да се рециклираат.
„Предвидено е отпадот од домаќинствата да се собира во две канти за влажна и сува, односно рециклабилна и нерециклабилна. Централниот комплекс нема да биде само санитарна депонија, туку ќе вклучува и постројки за механичко-биолошки третман, селекција на материјалите, компостирање и третман на исцедок“, изјави Филип Иванов.
Во двата региона ќе бидат изградени шест претоварни станици во Штип, Виница, Берово, Куманово, Ранковце и Македонска Каменица. Регионалната депонија треба да опслужува околу 370.000 жители и да третира над 112.000 тони отпад годишно.
„Планот ги опфаќа сите аспекти на интегрирано управување со отпадот… Овој систем ќе овозможи управување со отпадот според највисоките европски стандарди за зачувување на животната средина и, верувам, економска одржливост“, изјави Филип Иванов, експерт за животна средина.
По завршувањето на целата постапка, фабриката треба да биде готова за две и пол години, а со нејзината изградба ќе се стави крај на сите диви депонии во Источниот и Североисточниот регион.

