Под мотото „Не чекај, провери го“, во Делчево денеска беше одбележан Меѓународниот месец за борба против ракот на дојката – „Розов октомври“. Настанот, организиран од Комисијата за еднакви можности при Општина Делчево во соработка со Организацијата ,,Жена” и поддршка од локалниот бизнис сектор, беше посветен на подигнувањето на свеста за важноста од раната детекција и превентивните прегледи.
Централна вест на настанот беше најавата за набавка на нов дигитален мамограф за Здравствениот дом во Делчево, инвестиција вредна 13,5 милиони денари, овозможена со поддршка од Министерството за здравство и Владата.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека оваа инвестиција е од клучно значење за сите жени од градот и регионот, со што значајно ќе се олесни пристапот до навремена дијагностика.
-Како општина даваме целосна поддршка и признание на сите жени кои се борат со оваа болест. Морам да ја истакнам важноста на веќе потпишаниот договор за набавка на мамограф во нашиот Здравствен дом, за што се одвоени 13,5 милиони денари. Жените од Делчево и регионот конечно добиваат мамограф, кој е во основата на раната превенција и детекција на оваа современа болест на 21-от век – истакна Гоцевски.
Д-р Андријана Илиевска-Велковски ја нагласи важноста од комплементарните прегледи – ехо и мамографија, и најави дополнителен ангажман на медицинскиот кадар со цел да се опфатат сите пациентки.
-Важно е редовно да се прегледуваме и да користиме комплементарни методи. Веднаш штом мамографот стане функционален, го отвораме кабинетот за дојка. За да го опфатиме поголемиот број жени, во првите шест месеци ќе организираме и прекувремена работа, во попладневните часови и во саботите, бидејќи свеста и бројот на направени прегледи во овој регион досега беа на ниско ниво – изјави д-р Илиевска-Велковски.
Анита Цоневска од организацијата ,,Жена” потсети на алармантните бројки на новозаболени жени на годишно ниво и порача дека општеството мора да обезбеди подобри здравствени услови.
-Зад секоја дијагноза стои жена, мајка или ќерка. Годишната стапка од над 1.000 заболени жени на ниво на државата е огромна. Се надеваме дека новиот мамограф, кој треба да стане функционален за два до три месеци, ќе помогне во брза детекција и превенција. Организацијата на жените секогаш ќе стои на страната на борбата за подобри услови во здравствениот систем – рече Цоневска.
Посебно емотивно беше обраќањето на Винка Правулова, пациентка која се изборпила со ракот на дојката. Таа ја сподели својата лична приказна и подемот на иницијативата со која помогнала Делчево да го добие овој апарат.
-Кога јас требаше да одам на мамографија, беше исклучително тешко да се стигне до преглед. Преку мојата лична приказна и изјава во медиумите покренавме иницијатива која стигна до Министерството и Владата за Делчево да добие мамограф. Горда сум што успеавме и верувам дека со ова ќе се намали бројот на заболени. Апелирам до сите жени навремено и редовно да одат на прегледи – ракот се победува кога ќе се открие навреме – порача Правулова.
Настанот заврши со симболичен розов марш, во кој учесниците промаршираа низ градот за да ја подигнат јавната свест и да испратат порака за поддршка, сплотеност и солидарност со сите жени кои се борат со карциномот на дојка.

