Сигурна иднина за професионалните војници и по 45-годишна возраст. Се решава трајно деценискиот проблем на војниците. Владата донесе одлука тие да можат да продолжат да работат во АРМ како цивили, на неопределено време со постојната плата и додатоци со можност да одат во пензија под истите услови како и сите други работници во Македонија. Би работеле како обезбедување на касарните и гарнизоните. Доколку има заинтересирани за идно вработување во Министерството за одбрана, Владата им ја нуди и таа опција. За останатите кои ќе решат дека сакаат да ја напуштат Армијата, ќе има испратнини согласно стажот.
Првичните проценки се дека голем дел од војниците сакаат да останат во АРМ и дека на 100-тина војници догодина ќе им се трансформира работниот однос од определено на неопределено време. Оние пак, кои сега работат во друг град, ќе можат да продолжат да одат на работа во објектите во нивното место на живеење.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски појасни дека станува збор за целосно ново решение, кое не е дел од Колективниот договор. Дополнително тој ветува зголемени плати за професионалните војници од 2027 година.
Мисајловски со амбициозен план за неговото министерство за следната година. Вели дека посебно внимание ќе се посвети на реализација на нови капитални проекти во одбраната, како на пример обнова на Домот на АРМ, на касарните, купување дронови, нови борбени униформи. Исто така двата нови хеликоптери за потребите на АРМ треба да бидат испорачани веќе следниот месец.

