Со прикажување на филмот „Тест на издржливост“ утре вечер во Кинотеката почнува новото издание на месечните „Кино средби“, во рамките на кои се прикажуваат современи француски филмови во организација на Францускиот институт Скопје и Кинотеката.
Филмот „Тест на издржливост“ (2025, 110 мин.), е во режија на Орелијан Пере, во кој играат Феликс Лефевр, Ања Вендероза и Сузан Жуане.
Иго има 19 години. Како и секое лето, празниците ги минува на остров во Атлантскиот Океан, во малата семејна куќа. Но оваа година е поинаква. Иго физички се променил, а за првпат доаѓа со својата девојка Квин, козметичарка со изразен темперамент и вештачки нокти украсени со циркони. Нејзиниот впечатлив стил е во целосна спротивност со воздржаноста и срамежливоста на младиот Иго. За кратко време, нивната врска привлекува сè поголемо внимание.
„Крајот на адолесценцијата, класната борба и погледите на другите – овој искрен и трогателен дебитантски филм го открива талентот на главната протагонистка и ја потврдува умешноста на останатите членови на екипата.“ , напиша за филмот „Банд а парт“
Според написот на Франс инфо, филмот на Орелијан Пере е ода на тоа да останеме свои и да ги сакаме луѓето што сме одбрале да ги сакаме, и покрај општествената осуда. -Тој нè поттикнува да останеме доследни на себе, дури и ако тоа значи дека нема да бидеме прифатени од групи кои честопати се токсични, се навеудва за филмот.
Филмот е со превод на македонски јазик.
Билетите се во продажба на билетарницата во Кинотека.

