Сериозни повреди и искршени заби. Нов брутален напад врз дете. Поголема група, за која се претпоставува дека била составена од околу 15 малолетници, ѕверски нападнале и претепале 13-годишно дете. Неговата состојба е стабилна, но има сериозни повреди. Нападот се случил во саботата вечер, нешто после полноќ на плоштадот Делфина во скопската населба Влае, кога поголема група малолетници го нападнале момчето со тупаници и клоци, но користеле и метална шипка. Случајот го пријавила мајката, која рекла дека натепаниот син познавал дел од напаѓачите.
„На 18.10.2026 во 15:30 часот во СВР Скопје 39-годишна жена пријави дека околу 00:30 часот на подрачјето на Влае нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од група малолетници, од кои некои од нив ги познавал, а бил употребен и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР
Засега, не е јасно што се случувало и што бил мотивот за овој ѕверски напад. Полицијата го потврди случајот и употребата на тврд предмет, но не го наведува точниот број напаѓачи, ниту степенот на повредите. Според неофицијални информации, дел од децата-напаѓачи се веќе идентификувани и се повикани во полициска станица.
Инаку, ова е последениот во низата насилни напади помеѓу малолетници; на 9 октомври на Бит-пазар физички беше нападнат малолетник од група врсници во двор на основно училиште, сличен ваков напад имаше и на 3ти октомври на игралиште во Ѓорче Петров. Во истата населба, ден предходно друго дете се здоби со тешки повреди кога го нападала група негови врсници. Еден од најтешките случаи годинава е и нападот со нож врз 13-годишно момче во Чаир кое беше прободено во срцето, а месец дена потоа им подлегна на повредите на скопската клиника.

