Студентите Албанци кои бараат да полагаат правосуден испит на мајчиниот јазик седнаа на иста маса со министерот за правда, но веднаш го одбија предлогот на власта. Јетон Сашивари ги повикал не само студентите туку и професори од петте Правни факултети во Македонија за да ги слушне нивните предлози во однос на законските измени кои ги бараа дури и на протести. Но, наместо контруктивност тие повторно се заканија со протести доколку во целост не им се прафати нивното барање.
- „Велат, еве живеете во Македонија и треба да го знаете македонскиот јазик. Велам, не, јас живеам во мојата татковина, во мојата држава и ми следува албански јазик да зборувам. Немам ништо против македонскиот јазик, не го знам добро но колку што можам го зборувам и не ми е срам. Јазикот е богатство и сите треба да ги знаеме јазиците“ велат претставниците на студентите.
Според информациите кои беа споделени со јавноста, моделот кој се предлага даваможност испитот да се полага на јазикот на кој кандидатот ги завршил правните студии, вклучително албански, англиски и турски јазик, односно 75% теорија на избраниот јазик и 25% практичен дел на македонски. Суштината на предлогот како што беше кажано, била кандидатите да можат да го покажат правното знаење на јазикот на кој студирале, но практичните судски случаи да ги решаваат на македонски.
Министерот пак рече дека не сакаат да носат закони зад затворени врати па затоа ги поканил студентите и професорите од Правните факултети.
- „Не сакаме законските решенија да се носат зад затворени врати, а студентите и факултетите да бидат ставени пред свршен чин. Сакаме процес во кој нивните забелешки, предлози и аргументи ќе имаат вистинска тежина – истакна министерот пред средбата. Сметаме дека институциите имаат обврска да создаваат услови за еднакви можности со целосно почитување на Уставот, законите и професионалните стандарди“ – рече тој.
Законскиот предлог ќе оди на проверка и во Венецијанската комисија од каде ќе дадат мислење.

