Повеќе од 111 илјади евра од српскиот државен буџет во последните три години завршиле кај три здруженија во Македонија чии претставници јавно ја поддржувале владејачката Српска напредна странка на Александар Вучиќ.
Ова го обелодени Балканската истражувачка новинарска мрежа чие истражување открива дека Македонија е дел од мрежата финансии со оваа намена во вкупен износ од 250.000 за организации кај нас, но и во Србија и Босна и Херцеговина.
Средствата биле наменети за зачувување на српскиот идентитет, културата и верата. Но сепак, според БИРН има сомнежи дека истите биле користени за политичка промоција на власта во Белград, преку проруски наративи, величање осудени воени злосторници или десничарска реторика. Во Македонија парите завршиле на сметки на три организации. Здружението „Мир, слога, стабилност“ од Скопје, Заедницата на Србите во Македонија – Битола и Српскиот културен центар – Скопје. Според истражувањето на БИРН, Управата за дијаспора при српското министерство за надворешни работи од 2023 година им исплаќала огромни суми.
Здружението „Мир, слога, стабилност“ за време на студентските протести во Србија, одржале свој собир во Куманово во кој јавно ја искажале својата поддршка кон српскиот претседател Вучиќ. На собирот присутните носеле српски и македонски знамиња, како и маици со партискиот слоган. Речиси еден месец пред собирот добиле исплата од 3,400 евра за православни верски проекти. А потоа за инцијатива за зачувување на кириличното писмо добиле поддршка во износ од 2.500 евра.
Истражувањето посочува дека здружението во повеќе наврати организирало бесплатен превоз и храна за луѓе од Македонија да присуствуваат на собири на СНС во Србија.
Заедницата на Србите во Македонија – Битола од 2023 година добила 21.300 евра од Српската управа за дијаспора за култура, фолклор, одбележување на српски празници и спортски манифестации. Според истражувањето првиот човек на здружението јавно ги критикувал студентските протести, а и го негирал геноцидот во Сребреница.
Во истражувањето се наведува дека најголеми суми добил Српскиот културен центар во Скопје кој се збогатил со 84.500 евра. И неговата претседателка како и во претходните случаи јавно ја поддржувала Српската напредна странка.
Граѓански организации во Србија и претходно предупредувале на можни злоупотреби при распределбата на овие средства, особено кога финансиска поддршка добиваат здруженија без постојани простории, вработени или јавно видливи активности.

