Франција, Албанија, Италија, сега и Грција – насилните протести поради економската криза се шират низ европа. Но и покрај глобалните предизвици и енергетската криза, можностите тие да се пресликаат во Македонија по теркот на оние во Европа се мали. Добро упатените велат дека граѓаните се изгореа од ваквите процеси пред десетина години со т.н. Шарена револуција, која потоа ги разочара нивните очекувања, пред се на младите затоа што беа политички злупотеребени. Според нив, реален ризик за социјални немири не постои. Велат дека во делот на образованието параметрите се солидни, со оглед на значителните инвестиции во делот на изградба на студентски домови и подобрување на студентскиот стандард.
Поради економските параметри исто така, нема голема причина за загриженост дека сликите од социјалниот бунт во европските градови би се прелеал на македонските улици. И покрај тоа што глобалната енергетска криза, предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток е голем проблем за Владите да го одржат ценовното ниво, Македонија добро се држи. Економскиот раст, особено оној во вториот квартал е 4,3%, а инфлацијата значително пониска од европскиот просек. Дополнително цените стагнираа во септември во однос на август, што упатува на тоа дека следи период на стабилизација до крајот на годинава.
Дел од причините за однесувањето на граѓаните треба да се бараат и во начините како власта се соочува со проблемите. Ако во време на претходната енергетска криза пред 4 години, инфлацијата беше двоцифрена и во одредени месеци достигна и 16%, сега изнесува 2,7%. Мерките како намалување на ДДВ и акцизите, придонесоа за најниски цени на горивата во Европа. Примањата на највозрасната категорија граѓани се зголемија на повеќе од 7 илјади денари за две години. Расте и просечната плата, додека промени во даночната политика нема. Аналитичарите сметаат дека токму одржувањето на ценовните нивоа и животниот стандард се најсилна превенција од избувнување на граѓански бунт.

