Прашањата за градењето на македонската национална свест, за основањето и програмските определби на Македонската револуционерна организација (МРО) преку кодификацијата на јазикот, се прашања кои во периодот од 1893 година до 1991-та ја докажуваат јасно изразената континуирана идеја и борба за самостојна, независна македонска држава, која конечно беше добиена пред 35 години. Ова беше истакнато на трибината „Македонија на Македонците – македонската ослободителна мисла 1893-1991“, која се одржа во Прилеп.
„Со МРО, која што се формира во Солун во 1893 година, како што вели еден од основачите, Петар Поп-Арсов, се создаде организација која што во својата идеја ги имаше пред сè внатрешните македонски потреби. Оваа организација од своето создавање, па сè до нејзиното згаснување во 1908 година, претставува еден широк народноослободителен фронт кој во себе ќе акумулира различни идејни опции, меѓутоа за сите, именскиот содржател е Македонија на Македонците и создавање на една македонска држава врз основа на национални опции“, појаснува проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за национална историја – Скопје.
Во развивањето на македонската револуционерна мисла и борба, значаен е придонесот и на повеќе прилепски револуционерни дејци, кои, според историчарите, биле и идеолозите на македонското револуционерно движење.
„Значи, почнувајќи од Ѓорче Петров, Пере Тошев, Петар Ацев, ми се чини дека Ѓорче Петров, заедно со Гоце Делчев, како задграничен претставник на МРО во Софија, извршил големо влијание во сузбивањето на упадите на врховистичките чети… Пере Тошев е во врвната петорка на МРД, иако поради неговата интровертна природа не стигнал до тоа ниво на препознатливост како што стигнале Ѓорче Петров, Гоце Делчев и останатите револуционери, меѓутоа Пере Тошев е духот, совеста на МРО“, рече проф. д-р Славчо Ковилоски, историчар.
Напоредно со ова, во будењето на македонската национална свест, дополнителен импакт дала и борбата да се говори и пишува на свој јазик.
„Тоа е потпомогнато и со тенденцијата да се создаде еден книжевен стандард, еден општоприфатен литературен јазик кој ќе биде за севкупна употреба. Тој процес ние го следиме во текот на 19 век, а особено тие тенденции се забележливи во втората половина на 19 век и првата половина на 20 век“, посочи проф. д-р Лилјана Гушевска од Институтот за национална историја – Скопје.
Тркалезната маса беше дел од целомесечната програма на Општина Прилеп – „Приказна за градот-херој“, која се реализира од 1 октомври до 3 ноември.

