Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) упати честитка до Вселенскиот патријарх Вартоломеј по повод 35-годишнината од неговиот избор за Вселенски патријарх, а испрати и телеграма со сочувство до Ерусалимскиот патријарх Теофил по повод терористичкиот напад врз христијани собрани на молитва во Јордан.
Како што информираат од канцеларијата на САС, на денешната редовна седница е определана и делегација што ќе ја посети Руската Православна Црква. Се разговарало и за повеќе теми поврзани со црковниот живот, воспитно-образовните институции и случувањата во помесните православни цркви.
Во честитката до Вселенскиот патријарх Вартоломеј, Синодот „молитвено му посакува добро здравје, мирни денови и уште многу години плодоносно служење на Црквата Христова“.
Исто така, Синодот упати телеграма со сочувство до Ерусалимскиот Патријарх г. Теофил за терористичкиот напад на христијани собрани на молитва во Јордан.
– Молејќи Го Семилостивиот Бог, душите на починатите чеда да ги насели во живеалиштата на праведниците, на повредените да им дарува брзо исцеление, а на нивните семејства духовна утеха и крепост, се наведува во телеграмата.
На седницата, Светиот архијерејски синод определи и делегација што ќе ја посети Руската Православна Црква. Делегацијата ќе ја сочинуваат митрополитот дебарско-кичевски Георгиј и секретарот на Синодот, епископот хераклејски Климент.

