До крајот на летото би требало да заврши постапката за избор на компанија што ќе ја гради регионалната депонија кај светиниколското село Мечкуевци. Во тек е разгледување на понудите од фирмите што се пријавиле на тендерот кој, на 15 декември минатата година, го распиша Министерството за финансии. Ова е втор обид за избор на изведувач, откако претходната постапка не успеа.
„Во моментот се работи на евалуација на понудите на распишаниот тендер околу изборот на изведувач на регионалната депонија. Се надевам дека таа постапка ќе заврши успешно, бидејќи претходно имавме една неуспешна постапка и, доколку сè биде во најдобар ред, до крајот на летото ќе се избере изведувач и веднаш потоа ќе се започне со изградба на регионалната депонија“, изјави претседателот на Советот на градоначалници на ИПР, Тони Тоневски.
Веќе е формирана Комисија која треба да направи пресметка колку средства по жител ќе издвојуваат општините за функционирањето на јавното претпријатие што ќе управува со депонијата. Според Тоневски, во претпријатието ќе се отворат од 120 до 130 работни места. Комисијата пресметките треба да ги презентира најдоцна до 21 мај.

Според градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, со новиот состав на градоначалници ќе се создадат услови проектот, кој тапка една деценија, конечно да се реализира.
„Се надевам дека во оваа фаза, со новиот состав на градоначалниците и во двата региони, ќе наидеме на разбирање да помине и да мрдне од мртва точка самиот проект. Инаку, бенефитите се големи затоа што прво ќе имаме една ваква организирана фабрика со регионална депонија, којашто предвидува изградба на трансфер-станици во поголем број општини во двата региони“, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
По изборот на изведувачот, изградбата на фабриката, со која трајно ќе се решат дивите депонии, треба да заврши во рок од една и пол година. Со нејзиното пуштање ќе се обезбеди управување со отпадот на околу 370.000 жители од Источниот и Североисточниот регион, со годишен третман на околу 112.094 тони отпад.
И покрај уверувањата дека ќе се применуваат европски стандарди, жителите на Свети Николе се против изградбата на депонија кај Мечкуевци. Стравуваат дека камионите ќе предизвикаат загадување и ќе ја оштетат патната инфраструктура.
