Археолошкиот комплекс кај прилепското село Старо Бонче, познат по кралската гробница и уникатните штитови со сончев симбол, доби прва монографија по две децении истражувања. Монографијата „Археолошки комплекс Старо Бонче“ беше промовирана синоќа во прилепскиот Завод и музеј, а нејзини автори се професорите Антонио Јакимовски и Виктор Лилчиќ Адамс од Филозофскиот факултет во Скопје и археологот Душко Темелкоски од прилепскиот Музеј.

Во публикацијата се претставени резултатите од 20-годишните археолошки истражувања, во рамки на кои се откриени 15 нови локалитети и целосно е истражена кралската гробница. Една од главните претпоставки на истражувачите е дека на овој простор се наоѓал античкиот град Пелагонија, кој бил центар на кралството на Пелагонците пред повеќе од 24 века.
-При истражувањата откривме 15 нови локалитети. Целосно ја истраживме кралската гробница и со професорот Витор Лилчиќ Адамс дадовме претпоатавка дека тука се наоѓа античкиот град Пелагонија. Следна наша идеја е археолошкиот локалитет да го ставиме во туристичка функција. Најавено е дека ќе се направи пат и во иднина да биде туристичка атракција и за Прилеп и за Македонија – вели професорот Антонио Јакимовски.

Професорот Виктор Лилчиќ Адамс ја раскажува приказната за античкото кралство на Пелагонците и за посебната кралска гробница.
-Во северниот дел на Пелагонија, во раната антика егзистирало едно кралство со крал на чело што е потврдено со еден натпис од Атина. Кралството било со околу 15 до 20 градови. Зборуваме за класичен, архајски период до македонскиот период од 3-2 век пред нашата ера. Не бевме сигурни кој бил најголемиот град, центарот на кралството на македонските Пелагонци: Дали биле Марковите Кули со долниот дел на Варош, или, пак, Висока со Старо Бонче. Значи, на Висока била акрополата, а во Старо Бонче, долниот град. Ова, Висока со Старо Бонче е нашиот фаворит за главниот град на кралството. Кралската гробница во Бонче е со посебни карактеристики, од 4 век е пред нашата ера, со влезен коридор и комора. Наодите упатија дека тоа го градела некоја кралска величина и би можел да биде кралот на Пелагонците. Добро е да се добијат поголеми средства и да се откријат објектите од долниот град кој не сме ниту почнале да го откопуваме и да го истражуваме- објаснува Лилчиќ Адамс.
Најепохалното откритие од Старо Бонче се штитовите, единствени од таков вид откриени во Македонија.

-Во комплексот Старо Бонче се отриени остатоци од три штитови на кои го пишува името на македонскиот крал Деметриј Први кој владеел во почетокот на 3 век пред нашата ера. Тоа покажува дека тој град што лежи на тој огромен простор бил значаен и Пелагонците во тоа време имале значајна улога во Македонија. За првпат се откриени во Македонија од овој тип на штитови со централно сонце што е поттик за нови истражувања – вели археологот Душко Темелкоски, еден од авторите на првата монографија за археолошкиот локалитет Старо Бонче кај Прилеп.

