А националистичкото лудило од радикални ликови во Бугарија е во период кога во Брисел се одржува самит, односно Европски совет, на кој меѓу главните теми е и проширувањето и иницијативата за промена на пристапниот процес за земјите кандидати за членство. Она што е клучно за нас, кои патем сме блокирани од Бугарија поради апсурдни и уценувачки причини и условувања со идентитет, јазик, историја, е предлогот преговорите и отворањето на поглавјата да не бидат жртви на блокади поради билатерални спорови. Овој план на Германија, Франција, но и други земји членки на Унијата, е широко поддржан од Европската комисија. Идејата е целиот преговарачки процес да биде со одлуки кои би се носеле со квалификувано мнозинство, а консензус да има на крајот од преговорите и при одлуката за прием на новите земји членки. Лидерскиот состанок во Брисел е дводневен, а освен темата за проширување, ќе се разговара и за буџетот на ЕУ, енергијата, поддршката на Украина, одбраната, миграцијата.