Новиот ЕМГ кабинет во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кавадарци денеска беше официјално промовиран, со што се прошируваат можностите за невролошка дијагностика и унапредување на здравствената заштита во регионот, соопштија од здравствената установа.
На промоцијата присуствувале градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, и директорот на Клиниката за неврологија, Јован Божиновски.
– Електромиографијата (ЕМГ) е значајна дијагностичка метода за испитување на функцијата на периферните нерви и мускулите, која помага во откривањето и процената на различни невролошки состојби. Со воведувањето на оваа услуга, на пациентите им се овозможува полесен пристап до потребните дијагностички испитувања, без потреба за патување во други здравствени установи за секоја ваква услуга. Како раководство на болницата, остануваме посветени на модернизација на медицинската опрема, унапредување на стручните капацитети и создавање подобри услови за работа на здравствените работници и поквалитетна здравствена грижа за пациентите. Наш приоритет е здравјето на граѓаните и постојаното унапредување на здравствените услуги што им се достапни – подвлекоа од здравствената установа.

