Реклама
Македонија

Прогласени најдобрите вина од македонска автохтона сорта на грозје, „станушина“

Во Скопје денеска беа прогласени најдобрите вина од македонска автохтона сорта на…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Во Скопје денеска беа прогласени најдобрите вина од македонска автохтона сорта на грозје, „станушина“, настан организиран од здружението „Македонски семејни винарии“. Дегустацијата и оценувањето беа реализирани од вински експерти, кои учествуваат и во интернационални оценувања. Дипломите ги додели Јадранка Клариќ, познавач на виното, промотор и презентер на македонското вино во земјава и надвор од неа.

– Радува фактот што расте бројот на производители на оваа наша сорта на грозје и вино, што беше малку подзаборавена и дискриминирана во минатото. Истовремено, расте и квалитетот на вината „станушина“ – рече Клариќ.

Семејството Параџик од кавадаречкото село Ваташа со нивната фамилијарна винарија, добија злато за нивната пенлива станушина и дупло злато за виното „станушина розе“.

Реклама

– Трета година по ред се организира овој натпревар и трета година по ред добиваме дупло злато за нашето вино од грозје набрано во кавадаречкото село Бегниште, близу Тиквешкото езеро. Ова е поттик за нас и понатаму да произведуваме врвни вина и да го претставуваме овде и надвор од земјава, како наш амбасадор во винскиот свет – рече Блашко Параџик.

Сребрен медал доби винаријата Клинчаров за „Мома Ресавка“, а за најдобра станушина беше прогласена таа на „Попова Кула“ од 2023 година.

На настанот организиран во „Wine berry“ во центарот на Скопје, беше присутна и американската амбасадорка во земјава, како и лозари, винари од земјава и странство, љубители на вино и други гости.