Обиколницата „Крива Паланка“ како дел од автопатот „А2“ добива нов асфалт, рехабилитација на два моста, шест пропусти и еден подземен премин. Ќе има и нови тротоари, осветлувањето и подземната инсталација. По Ранковце-Крива Паланка, во полн ек се реализира и проектот за обиколницата Крива паланка со што патот кон Деве Баир ќе биде целосно модернизиран.
Градежната офанзива во делот на патиштата според премиерот Мицкоски веќе го олеснуваат движењето на македонските граѓани низ државата, а Владата е посветена и истовремено работи на санација и избрадба на повеќе делници, вели премиерот Христијан Мицкоски. Освен финансиите од половина милион евра со кои ивршната власт ги помага општините, паралелно се спроведуваат и централните проекти преку ЈПДП.
- „Македонија се гради како никогаш досега, низ државата има повеќе од 1200 градилишта, нешто што досега не се случило, повеќе од половина милијарда само средства финансирани од централниот буџет кон општините. Ако праксата од минатото беше Македонија да се граба, сега праксата е Македонија да се гради, а така и ќе продолжи и во годините што следат. Ако на тие половина милијарда евра ги додадете проектите што ги води Владата на централно ниво, со оние инвестиции што се спроведуваат и преку ЈП за државни патишта доаѓаме до неколку милијарди евра, проекти коишто се реализираат и исто толку во годините што следат, ќе бидат реализирани,“ рече Мицкоски.
Експресниот пат Страцин до Крива Паланка веќе се користи од граѓаните, а освен изградбата на новите делници, според вицепремиерот и министер Александар Николовски се проширува и граничниот премин Деве Баир, за брзо поврзување на Скопје со Софија.
- „Со рехабилитацијата на обиколницата, оние кои патуваат кон Бугарија исто така ќе можат побрзо и побезбедно да патуваат. Активно се работи на реконтрукција и проширување и на граничниот премин и има добра динамика. Очекувам за брзо време да биде завршена како би имало и поголем проток на границата“, посочи Николоски и потенцира дека Владата инвестира и 280 милиони денари во проекти во Општина Крива Паланка.
Вредноста на проектот за реконструкција на обиколницата „Крива Паланка“ чини 65 милиони денари…
- „На обиколницата ќе се изврши рехабилитација на асфалтот, а онаму кадешто е многу оштетен, ќе биде изваден и ќе се постави нов, со стабилизација на теренот. Тоа е должина од околу еден километар, додека вкупната должина на обиколницата е 4,5 километри, а вкупната вредност на проектот е 65,5 милиони денари. Проектот опфаќа рехабилитација на два моста, шест пропусти и еден подземен премин. Го распишавме тендерот и се работи, во надлежност на ЈПДП е коловозот со ивичници, додека тротоарите, осветлувањето и подземната инсталација се во надлежност на општината. Мислам дека нема многу инсталација, така што, се надевам дека ќе биде завршен во предвидениот рок“, рече Трајановски.
Според најавите веќе е започната процедурата и за изградба на автопатот од Романовце до Страцин со што дополнително ќе се намали времето за патување од Скопје до Крива паланка. Планот според премиерот е да се стигнува за помалку од 45 минути.
Реконструираните патишта го олеснија и забрзаа патувањето од Скопје до Крива Паланка. Со реконструкцијата на обиколницата „Крива Паланка“ побрзо ќе се стигнува и до граничниот премин но и до Софија.

