Реклама
Македонија

Приведени директорот на „Комунална хигиена“ Рустеми и неговиот прв соработник

Сабахудин Рустеми и Аки Саити се лизнаа на купиштата смет кои го…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Сабахудин Рустеми и Аки Саити се лизнаа на купиштата смет кои го преплавија Скопје. Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Рустеми е уапсен заедно со Саити кој е раководител во Кумунална хигиена, за тоа што македонската метропола остана затрупана во ѓубре со недели. Полицијата ги привела двајцата на распит, а истражните органи собираат докази за нив.

„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.

Тие според првичните информации се товарат по членот од КЗ што се однесува на Загрозување на животната средина и природата со отпадни материи, за што  се предвидени и затворски казни од три месеци до десет години во зависност од штетата која ја предизвикале осомничените.

Реклама

ЧЛЕН 230 ОД КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК

(1) Тој што спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата складира, остава или расфрла отпадни материи или со нив постапува на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата или водотекот, во мера што може да ги влоши условите за живот на лугето или животните или растенијата и да го загрози нивниот опстанок, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

(2) Со казна од став 1 ќе се казни тој што складира, остава или расфрла отпадни материи или со нив постапува на начин со кој се менува квалитетот на воздухот, почвата, водата, водотекот и со тоа ќе предизвика уништување или значително оштетување на шуми, растенија или други насади.

(З) Тој што складира, расфрла или остава опасен отпад што содржи супстанции кои имаат својство на експлозивност, реактивност, запаливост, надразливост, токсичност, инфективност, канцерогеност, мутагеност, тератогеност, екотоксичност или својство на испуштање отровни гасови преку хемиска реакција и биолошко разложување, ќе се казни со затвор од четири до десет години.

(4) Тој што делото од ставовите 1, 2 и 3 ќе го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или затвор до една година.

(5) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

Истрагата за работата во ЈП „Комунална хигиена“ започна откако во Скопје подолго време не се собираше сметот што доведе и до воведување мерки од страна на здравствените власти. Владата ги задолжи надлежните да преземат  итни чекори за да се открие кој ги донесе скопјани на „дереџе“ да шетаат помеѓу стаорци.

Инаку, Рустеми беше поставен за директор на Комунална хигиена 29.01.2025 како дел од коалицијата на градоначалничката Данела Арсовска со ДУИ. Рустеми важи за кадар близок до Блерим Беџети. Тој претходно ја извршуваше функцијата директор на Јавното комунално претпријатие „Сарај“ од 2017 до 2021 година, а потоа беше назначен од Арсовска за помошник-директор на „Паркови и зеленило“.

Покрај затрупувањето на Скопје со смет, Рустеми го следат и скандали со финансиите на „Комунална хигиена“, се испумпувале милиони, а претпријатието подолг период е нефункционално.  Вработените преку синдикатот се пожалија за доцнење на платите, и немање на основни услови за работа, поради нефункционалните возила за собирање на ѓубре. За таквите состојби во претријатието од синдикатот најавија кривични пријави.