Реклама
Македонија

Поранешниот директор на ТИРЗ остана без пасош, се сомничи за проневера од 2 милиони евра

Одземен пасошот на поранешниот директор на Дирекцијата на технолошко индустриски развојни зони,…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Одземен пасошот на поранешниот директор на Дирекцијата на технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски. Тој во истрага на Управата за финансиска полиција се сомничи за евентуална злоупотреба на службената положба. Тој денеска доброволно дошол во судот и ја кажал својата одбрана. Од Основниот кривичен суд за Алфа потврдуваат дека на барање на Обвинителството до судот е доставен предлог за определување мерки на претпазливост, односно одземање на пасошот и повремено јавување во судот.

„Осомничениот доброволно дошол во Кривичниот суд на разговор пред судија на претходна постапка, ги изнел своите факти и судот по разговорот го прифатил предлогот на Обвинителството да му биде одземен пасошот“ – Кривичен суд.

И обвинителството потврди дека за Деспотовски води претходна постапка поради постоење на основано сомневање за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик.

Реклама

Надлежен јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за одземање на патна исправа и обврска за повремено јавување во Судот како мерки на претпазливост. Во предметот се уште се преземаат дејствија од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција. Со цел да не се наштети на постапката, двете институции координирано ќе ја информираат јавноста кога ќе се создадат услови за тоа“ – велат од ОЈО.

Деспотовски попладнево ги демантираше објавите во некои медиуми дека е приведен. Ги нарече дезинформации со цел да се извалка неговиот углед. Во изјава за Алфа рече дека неколкупати бил повикан на информативен разговор во врска со неговата работа, но не посочи конкретни детали.

„Отворено се шират дезинформации и се нарушува угледот. Јас како човек прво секогаш сум бил достапен за сите институции и посебно за медиумите и лично ме повредува дека дел од медиумите не се охрабрија прво да се јават, да ја проверат информацијата пред воопшто да се објавува било што. Веќе од понеделник ќе си отворам постапка соодветна за заштита на угледот што го имам такашто , мислам јас сега нема да застанам на ова поврзано со информациите што се објавија. Целта беше очигледно да се извалка моето име, што повторно ќе кажам нема да го дозволам. За останатите работи институциите си ја работат својата задача. Секогаш кога сум бил прозван и сега и претходно за моето работење, сум кажал дека за сите работи сум достапен и со задоволство би појаснил, меѓутоа тоа сепак да биде во некоја нормална постапка, без еве вакви ситуации коишто се случуваат сега. Сум бил повикан, не е тоа ништо спорно, но тоа е многу далеку од ова што се објави денеска, затоа и ме чуди од каде е излезена баш сега предимензионирана информација, но не бил коментирал ништо за постапката, затоа што мислам дека навистина коректно си ги водат постапките институциите и не би сакал на нив да им се нафрла било што, па целава оваа ситуација очигледно е непрофесионализам“ “ – вели Јован Деспотовски – поранешен директор на Дирекција за ТИРЗ.

Според информациите, Деспотовски е осомничен за проневера со приватна компанија која изведувала работи во ТИРЗ Штип и Струмица во вредност од два милиони евра. Тој на втори јули поднесе оставка од функцијата директор на зоните, веднаш по промената на власта. Беше и кандидат за претседател на СДСМ.