Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со Александар Чупиќ, вршител на должноста претседател на Република Србија, на маргините на Состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, што се одржува во Охрид.
Како што информираат од кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова најнапред му ја честитала изборната победа и изборот за претседател на Народното собрание, оценувајќи дека неговото присуство е особено значајно за решавањето на отворените регионални прашања преку политички дијалог заснован врз заемна почит и разбирање.
Таа изразила уверување дека македонско-српските односи, имајќи го предвид традиционалното пријателство меѓу двата народа и граѓаните, ќе продолжат да се развиваат со уште позасилено темпо во областите на образованието, науката, културата, туризмот и дигитализацијата.

Чупиќ оценил дека учеството на Процесот Брдо-Бриони во Охрид претставува порака за значењето на добрососедството, при што ја поддржал и идејата на претседателката за вклучување млади луѓе на состаноците. Тој ја поздравил отвореноста на Процесот, која, како што истакнал, се потврдува и со одржувањето на Самитот во Охрид.
Сиљановска-Давкова ја истакнала широката и плодна соработка меѓу двете земји во економијата, посочувајќи дека Србија е меѓу десетте најголеми трговски партнери на земјава.
Двајцата соговорници, како што се наведува во соопштението, оцениле дека образовната, научната и културната соработка претставуваат голем предизвик, а во македонската заедница во Србија и српската заедница во земјава препознале цврст мост на пријателство и зближување меѓу двата народа.

