Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска, на маргините на Состанокот на лидерите на Процесот Брдо-Бриони во Охрид, оствари средба со претседавачката на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ и членовите Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ.
На средбата, Сиљановска-Давкова им го честитала изборниот успех, како потврда за довербата што им ја дале граѓаните, изразувајќи особено задоволство од изборот на две жени во Претседателството, што, според неа, претставува доказ за јакнење на женското политичко лидерство и голем демократски чекор напред.
Таа истакнала дека стабилна Босна и Херцеговина, со предвидлива и сигурна европска перспектива, е важен предуслов за мирен и просперитетен Западен Балкан.

Како што соопшти кабинетот на Сиљановска Давкова соговорниците се заложиле за поширока и поинтензивна економска соработка, соодветна на политичката, посочувајќи ја важноста на транспортната поврзаност и мрежа. Особено ја нагласиле потребата од повторно воспоставување на авиолинијата Скопје – Сараево, како и од унапредување на патната и железничката инфраструктура.
На средбата била потенцирана и важноста на образованието, науката и културата во градењето цврсти мостови меѓу двете држави и општества.
Сиљановска-Давкова ја посочила европската интеграција како заедничка стратешка цел, чие остварување, како што истакнала, ќе значи крај на конфликтите и траен мир на Балканот.

