Забрзува железничкото поврзување со Бугарија. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека се отстранети сите пречки за да почне изградбата на пругата од Крива Паланка до граница. Тој вели дека последниот дел до бугарската граница е во процес на развивање. По договорот со бугарската влада, се активира грантот во висина од 3,7 милиони евра добиен од Европската Инвестициска Банка за техничка поддршка, за Македонија да продолжи со изградба на третата фаза од железницата. Процесот добро напредувал и од бугарска страна, вели Мицкоски.
„Третата фаза е во процес на развивање, битно е дека сите пречки од минатото што се случуваа се надминати, постигната е согласност со нашиот источен сосед. Техничката поддршка значи ревизија на основниот проект, ревизија на целосната документација и потоа објавување јавен повик за изградба на третата фаза“ , изјави премиерот Мицкоски.
Договорот со Бугарија за изградба на третиот дел од пругата долж Коридорот 8 дојде по бројни натегања и преговори, откако Вицепремиерот Николоски посочи дека претходниот проект е прескап за Македонија да го реализира и дека завршува во тунел без крај, без обврска на бугарската страна да го догради нејзиниот дел. Сега, откако падна договор со тамошната Влада, дополнително за да се забрзаат активностите, и Железници Инфраструктура ќе започне постапка за избор на надзор на изградбата. Бугарија од своја страна се согласи тунелот заеднички да се гради, но и целонсо да го реализира Коридорот 8 во делот на железницата на нејзина територија..

На почетокот на годинава, официјално беше пуштена во употреба и првата фаза од пругата кон Бугарија, односно делот од Куманово до Бељаковце. Премиерот Мицкоски вели дека успешно тече и процесот за реализација на брзата пруга долж Коридорот 10, која ќе се гради преку стратешкото партнерство со Обединетото Кралство. На барањето од Министерството за финансии одговорија 16 меѓународни финансиски институции и комерцијални банки чии податоци ќе ги разгледува Меѓуресорска работна група во рамки на Владата.
Целосно ќе се реконструира и железничката линија од Скопје до Кичево. Со грант од Европската Унија од 5,3 милиони евра ќе се изработува физибилити студија. Европската банка за обнова и развој треба да избере фирма консултант за изработка, а по истекот на 18-те месеци за изработка на студијата, ќе стартува изградбата. Проценките се дека пругата ќе се гради околу две и пол години, а ќе чини повеќе од 4 милиони евра по километар. Изградбата би требало да се одвива без поголеми застои, бидејќи таа ќе се обновува на сегашната траса, па ќе нема трошоци за експропријација на земјиштето.
Вицепремиерот Николоски вели дека активно се работи и на обнова на железничкиот возен парк. Тој најави набавка на две нови локомотиви и репарација на 11 постојани локомотиви. Новите локомотиви и набавката на нови возови за неколку години од сега, треба да обезбедат побрз железнички транспорт за граѓаните и фирмите.
