Започна судењето на 75-годишниот штипјанец Денис Асанов, обвинет за грозоморното убиство на 79-годишната Борјанка Николова од Штип. Тој се товари за убиство извршено при родово базирано насилство. Случајот предизвика големо внимание во јавноста поради бруталноста на делото и начинот на кој било извршено.
„Токму такво грубо прекршување на овие одредби и вршење фемицид, односно убиство на жена само затоа што е жена и вршење родово базирано насилство, сторува обвинетиот Денис Асанов“, рече во своето излагање основната јавна обвинителка Тања Кацарова.
Во судницата обвинетиот не призна вина за делото што му се става на товар и се смееше додека му се читаше обвинението.

„Апсолутно не се чувствувам виновен“, рече во судницата обвинетиот Денис Асанов.
Денеска во солзи сведочеше и 85-годишната сестра на убиената Борјанка, која ја пријавила за исчезната. Судењето ќе продолжи на 18 март, кога е предвидено да сведочат обвинетиот и роднини на убиената жена.
Според обвинението, убиството се случило во периодот од 6 октомври до 10 ноември минатата година, во домот на обвинетиот. При вршење родово базирано насилство, со тврд предмет ѝ нанел повеќе удари во пределот на градниот кош, при што ѝ скршил осум ребра.
По нанесените повреди кај жената настапила смрт. Телото го закопал во дворот од својот дом, а дел од останките сè уште не се пронајдени.
