Во Велес денеска почна изградбата на подземната катна гаража и плоштад. Ставањето во употреба на плоштадот и на подземната катна гаража се очекува да бидат завршени кон средината на 2027 година.
Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев истакна дека Велес за краток временски период ќе добие прекрасен плоштад, еден од најголемите и најубавите плоштади во Македонија, и ќе добие подземна катна гаража на три нивоа којашто се очекува да го зголеми за трипати капацитетот на возила.

-Досега се работеше на земјените работи заради тоа што овој дел што го гледате денеска беше многу потешкиот и многу макотрпниот и дел каде што имавме многу непријатни моменти и несакани работи кои за среќа поминаа безбедно и без материјална и друга секаква загуба. Ова што можете да го видите денеска е фактички јамата каде што имаме над 107 колови коишто се над 13,5 метри во земја и имаме 253 анкери коишто се во различна длабочина. Дел од анкерите се 21 метар, другите анкери се 18, имаме 15 и 21. Значи се работи за исклучително барателен, досега невиден проект на територијата на Општина Велес. Едно е да го видите одозгора, друго е да го доживеете внатре. Јас сакам да се заблагодарам на проектантите коишто го проектираа овој проект — „Линеа“ велешката проектантска куќа, да се заблагодарам на ИЗИИС, да се заблагодарам на надзорот, на изведувачите и на сите луѓе коишто помогнаа. А секако без поддршка на Владата на Македонија овој проект никогаш со финансиски средства Општина Велес немаше да го изгради. Денеска ставаме камен-темелник, означуваме почеток на бетонските оние работи коишто ќе следат значи во делот на поставување на мршав бетон со соодветна изолација и после понатаму оди спрат по спрат да се израмниме со платото пред судот и да го добиеме најубавиот плоштад – рече градоначалникот Колев.
Тој истакна изградбата на плоштадот и подземната катна гаража се одвивало во отежнати услови поради повеќе непредвидени околности, меѓу кои и пронаоѓање бомба од Втората светска војна, поради што реализацијата на проектот била забавена за неколку месеци.

-Имаше бомба од Втората светска војна којашто ни значеше забавување на процесот од неколку месеци, добро е што не се активира; имаше испитување од страна на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана за други експлозивни средства дали се наоѓаат на оваа територија; имавме земја од несинхронизиран состав — од една страна течеше песок, од друга страна имавме цврст дел… Централното градско подрачје го отежна периодот на влез и излез на камиони, булдожери заради тоа што имаме тука многу згради, имаме многу населено место, имаме многу голема фреквенција во текот на денот, имаме банки…Потешките работи се зад нас. Нè очекува убав период и се надевам дека некаде на средината на 2027 година, заедно со овие прекрасни луѓе коишто се околу мене, ќе го одбележиме завршувањето и ставањето во употреба и на плоштадот и на подземната катна гаража – нагласи градоначалникот Колев.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека градежните подготовки за новиот плоштад во Велес се речиси целосно завршени и изрази уверување дека објектот ќе биде ставен во функција до крајот на првата половина на следната година.

-Денеска можеме заедно со велешани да посведочиме дека голема работа е завршена. Од ова што можеме да го видиме, подготовката е направена. Моето искуство вели дека кога подготовката е добро направена, тоа значи 90 проценти завршена работа. Јас сум сигурен дека ако се оди според планот, а не гледам причина зашто така да не биде, дека таму некаде во првата половина на следната година, при крајот на првата половина ќе можеме да го пуштиме овој прекрасен објект во употреба, во функција да може да го користат велешани се разбира и да уживаат во новиот плоштад – рече премиерот при увидот во активностите на терен.
Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи да ги поддржува развојните проекти во општините, додавајќи дека се очекува проектите финансирани преку првиот и вториот јавен повик да бидат завршени во текот на оваа и почетокот на наредната година.

-Преку ЗЕЛС општините имаат инструкција да подготвуваат проекти за следната година. Цениме дека овие проекти донесат резултат, тоа впрочем се гледа и во економската активност на македонските компании. И цениме дека тоа беше правилна одлука кога бевме избрани како Влада и веднаш започнавме со реализација на овој проект. На крај да му честитам на градоначалникот за посветената, инспиративна работа којашто ја прави во општина Велес, да се заблагодарам на советниците во Општина Велес кои ја поддржуваат работата на градоначалникот, на администрацијата без кои ова ништо не може да се случи, тие се најважниот дел во подготовката на документацијата за ваков тип на проекти, на колегите во Владата, на пратениците во Парламентот од Велес коишто се борат за проект повеќе да добие Велес и се разбира да се заблагодарам на велешани за трпението и се надевам дека многу наскоро ќе уживаме сите заедно во овој проект – потенцира премиерот Мицкоски.

