Реклама

Психолози за Алфа: Важно е разводот на децата да им се објасни како „нов начин на функционирање“

Пример и за државите од Европската Унија: Македонија меѓу земјите кои најмногу ги почитуваат човековите права

Градски воз, електрични автобуси- граѓаните задоволни што се решава проблемот со јавниот превоз

25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, ДУИ не се појавија на одбележувањето

Втора шанса за матурантите: Успаните, препишувачите и оние кои беа фатени со мобилен денеска полагаа државна матура

Прв починат од Западно-нилска треска, прогласена епидемија во општините каде има зарезени

МВР им влезе во трага на крадците на транформатори од Железници

Судење за пожарот во „Пулс“: Објектот нелегално бил пренаменет во дискотека

Туризмот со добар ритам- странските гости ја држат сезоната

Шенген ги кочи македонските камионџии – превозниците бараат пофер правила

СДСМ се прогласија за безгрешни: Си препишаа успеси, но заборавија дека се носители и на најголемите порази

Сe помалку венчавки, се повеќе разводи – за 8% зголемен е бројот на растурени бракови

Македонија

Питу Гули и востаниците до Бахтијар-паша на 12 август 1903: Не востанавме за да се предадеме, туку да се бориме!

„Ние не сме разбојници како што нѐ нарекувате, туку борци за правда…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

„Ние не сме разбојници како што нѐ нарекувате, туку борци за правда и слобода. Не востанавме да се предадеме, ами да се бориме“. 

Тоа е одговорот на Питу Гули и на востаниците од Крушево кои останале да го бранат градот, на ултиматимот што им го испратил Бахтијар паша, откако на 12 август 1903 година, кај месноста Кула се јавил крушевчанецот Коста Њику, фатен во Кривогаштани и испратен од Бахтијар-паша во Крушево да им ја пренесе неговата порака. Коста бил испратен во Горското начелство во Гумење. Тој всушност го носел усниот ултиматум на Бахтијар-паша „за востаниците безусловно да се предадат, ако сакаат да го спасат својот живот“, пишува Крсто Топузоски во своето епохално дело за Питу Гули. Ако тоа не го сторат, се вели, пашата ќе ги нападнел – „со тешки последици за нив така и за рајата“, бидејќи тој добил овластување да располага и со нивниот имот и со животот.

Реклама

Македонскиот интелектуалец, револуционер, воен офицер и општественик Наум Томалевски, по повод 25-годишнината од херојските собитија, во 1928. пишува дека Битката на Мечкин Камен (како и Илинденското востание воопшто), е „најмоќната пројава на македонскиот дух во борбата за политичка и национална слобода на Македонците“, како најава за натамошната борба за македонската национална и политичка (државна) независност.

За Битката на Мечкин Камен пишувале многумина. Во историографскиот труд „Ослободителните борби на Македонија“, Христо Силјанов ја претставува токму оваа битка како клучна во одбраната на Крушевската Република. Според него, по неколкудневната востаничка власт, на 12 август 1903 (нов стил), отоманската војска почнала концентричен напад врз Крушево од повеќе правци. Најтешкиот удар паднал врз местоположбата на Питу Гули и неговата чета на Мечкин Камен, бидејќи таа го штитела главниот приод кон градот. Одредот на Гули се борел со исклучителна упорност и покрај огромната бројна надмоќ на отоманските сили. Востаниците ја искористиле малата првична предност на теренот и со часови го задржувале противникот. Кога муницијата почнала да се троши, отпорот почнал да слабее, но македонските борци продолжиле да се борат до последните сили и можности, свесни дека од нивната истрајност зависи судбината на Крушево.

Според Крсто Топузоски и неговиот осврт „Мечкин Камен, Крушево“ (1985), на 11 август многуилјадна армија тргнала кон Крушево и се собрала околу селото Кривогаштани. На 12 август двеилјадна војска, дојдена откај Прилеп, тргнала да фати позиции до Крушево. Потоа, еден одред од околу 4.000 војници тргнал од Битола. Од Кичево се упатил турски одред од околу 5.000 војници со дополнителна планинска артилерија и коњаница.

Има неколку историски четива кои нè соочуваат со суровиот, но фасцинантен човечки фактор зад македонскиот бунт од 1903 година. Ова е обид тоа да се стори и со улогата на Питу Гули деновите не

„По слободните 10 дена, при заземањето на Крушево од страна на непријателот, се воделе борби насекаде околу него. Но, има две борби коишто, поради храброста и саможртвата на бранителите, останале живо да ги потсетуваат следните поколенија како да се брани стекнатата слобода. Тоа се битките кај месноста Слива и кај Мечкин Камен“ – нагласува Топузоски.

Сведоштвата говорат дека турскиот командир Бахтијар-паша во сета своја армија имал и редовна војска – аскер, но и башибозук т.е. полупрофесионални платеници.

За самиот Питу Гули, Силјанов пишува со голема почит. Тој нагласува дека војводата останал на својата положба до крај и загинал заедно со поголемиот дел од своите луѓе. Неговиот отпор го оценува како пример за саможртва и херојство, при што не се задржува на легендарните доукрасувања на епопејата, туку на значењето на одбраната во рамките на целото Илинденско востание.

                                                                БИТКАТА

Постојат места што не се само географски точки на картата, туку се симболи на историјата, достоинството и борбата за слобода. Такво место е Мечкин Камен – карпест рид над Крушево, во рамките на Биринската Планина, којашто пак, е одгранок на Баба Планина. Тука, на 12 август 1903 се одиграла една од најхеројските битки во македонската национална историја. За оваа легендарна битка говориме и со историчарот Михаил Патчев, инаку потомок на Методија Патчев – војвода од предилинденскиот период, кој исто така, е познат по својата саможртва пред Турците-Османлии.

– На ова место, мал број востаници, предводени од легендарниот војвода Питу Гули, се спротивставиле на многукратно побројната османлиска војска, свесни дека шансите за победа се речиси невозможни. Наместо да се повлечат, тие решиле да останат на своите позиции и со сопствените животи да ја бранат слободата што само неколку дена претходно ја почувствувале во Крушевската Република. Денес ова место не претставува само споменик на една битка, туку вечен потсетник дека љубовта кон татковината често се мери со подготвеноста да се жртвува сè за нејзината слобода. За да се разбере вистинското значење на битката кај Мечкин Камен, неопходно е да се вратиме неколку години наназад и да ги согледаме историските околности што довеле до Илинденското востание – изјави Патчев за МИА.

Како што споменавме, на 12 август 1903 година, кај месноста Кула се јавил крушевчанецот Коста Њику, фатен во Кривогаштани и испратен од Бахтијар-паша во Крушево да им ја пренесе неговата порака. Коста бил испратен во Горското начелство во Гумење. Тој всушност го носел усниот ултиматум на Бахтијар-паша „за востаниците безусловно да се предадат, ако сакаат да го спасат својот живот“, пишува во своето истражување Крсто Топузоски. Ако тоа не го сторат, се вели, пашата ќе ги нападнел – „со тешки последици за нив така и за рајата“, бидејќи тој добил овластување да располага и со нивниот имот и со животот.

Било решено Коста Њику да му го врачи на Бахтијар-паша следниот одговор: „Ние не сме разбојници како што нѐ нарекувате, туку борци за правда и слобода. Не востанавме да се предадеме, ами да се бориме!“

Говорот на Питу Гули пред битката

И Никола Киров-Мајски ја реконструира битката врз основа на сведоштвата на очевидци. За почетокот на судирот, Мајски пишува: „Битката кај Мечкин Камен почна во 10 часот претпладне и траеше до вечерта. Во него земаа учество околу 370 души борци, главно – под команда на легендарниот војвода Питу Гули.“

„Одговорот на востаниците многу го налутил пашата и тој дал наредба артилеријата да ги нападне градот и позициите на востаниците, а пешадијата, исто така, да тргне во напад. Наредил дури и со топовите да се стрела и по мирното население собрано на месностите Гумења, Струнга и Плочи. Згрмеле турските топови. Згрмеле и црешовите топчиња. Симболичен израз на соодветноста на силите“ – додава Топузоски.

Мајски, сепак, во неговиот труд „Крушево и неговите борби за слобода“ (1935), вели оти она што дополнително го налутило Бахтијар-паша е стрелбата откај Кула и смртта на еден од четворицата турски кавалеристи кои биле испратени во извидништво. Во тој миг, без да ги почека своите трупи од Кичево, пашата наредил активирање на артилеријата.

Според сѐ, одбраната на Крушево била распоредена по повеќе стратешко-борбени точки околу градот. Питу Гули со својата чета го држел Мечкин Камен, најважната и последна одбранбена линија на јужниот приод. Кај месноста Слива биле комитите на Тодор Христов-Офицерчето, Ѓорѓи Стојанов и Диме Смугрев, додека кај местото Кула се наоѓала четата на војводата Ѓурчин Наумов-Пљакот. Останатите чети биле распоредени на околните височини и приоди кон градот. Под силниот притисок на бројно надмоќната османлиска војска, овие одреди постепено се повлекувале од своите првични позиции, водејќи заштитнички борби. Повлекувањето било насочено кон Мечкин Камен, каде што требало да се концентрира последниот отпор. Така, одбраната постепено се стеснувала сè до решавачкиот судир на Мечкин Камен, каде што четата на Питу Гули ја презела главната тежина на судирот.

Сто и осумнаесет години од Крушевската република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ се одбележуваат денеска на на 2 Август – Денот на Републиката. Со Илинденското востание и Крушевската

За последните мигови на Питу Гули, кај Биринската Чешма, Мајски запишал: „Кај чешмата падна убиен знаменосецот, а еден куршум ги пронижа градите на војводата.“ Ова е, всушност, најпознатиот опис на неговата смрт во македонската историографија, но и во македонскиот фолклор.

По пробивањето на одбраната на Мечкин Камен, падот на Крушево бил неизбежен. Османлиските сили влегле во градот, којшто бил бомбардиран, ограбен и запален, а Крушевската Република престанала да постои по само десетина дена.

Според Христо Силјанов, Георги Баждаров, Крсто Топузоски и другите хроничари и истржувачи, отпорот на четата на Питу Гули, вечерта истиот ден, бил конечно скршен под силниот налет на бројната отоманска војска. Најголемиот дел од македонските борци загинале на самата позиција, борејќи се до последниот куршум и во пресметка гради-в-гради со непријателот. Падот на Мечкин Камен го означил крајот на организираната одбрана на Крушево и го овозможил навлегувањето на аскерот во градот. По заземањето на Крушево следувале убиства, палежи и грабежи, при што и населението се соочило со страотно насилство и смрт.

Покрај илјадниците човечки жртви, убиства, силувања, ранети и повередени мажи, жени и деца, Никола Киров-Мајски говори и за над 1.500 ограбени (и/или запалени и разрушени) дуќани и работилници – само во областа околу Крушево. Но, и покрај воениот пораз, сепак, Битката на Мечкин Камен останала запаметена како еден од највпечатливите примери на саможртва и херојски отпор во Илинденското востание.


ТОМАЛЕВСКИ И БАЖДАРОВ ПРОНАОЃААТ ПРЕЖИВЕАН БОРЕЦ

Посочен од Наум Томалевски, во 1918 година хроничарот Георги Баждаров го нашол крушевчанецот Михаил (Миле) Станоев и ги запишал неговите сведоштва – како еден од преживеаните во крушевската голгота. Пренесувајќи ги зборовите на Станоев, Баждаров посочува дека на Мечкин Камен се спасиле само седуммина. За жал во наговиот запис „Од македонската земја“ (1926) не се наведени нивните имиња.

Миле Станоев и наредните 25 години е комита и деец на ВМРО. Во 1906. е четник кај Блаже Крстев-Биринчето, а подоцна е и секретар во четата на Алексо Стефанов. По Првата светска војна дејствува како пунктов началник на ВМРО. По убиството на Александар Протогеров во 1928 година, Станоев го поддржува протогеровистичкото крило во ВМРО. Убиен е од Спас Христов-Таушанов – ванчомихајловист, на 6 декември 1929, во Свети Врач, Пиринска Македонија, т.е. денес – Град Сандански.

Илинденци (одлево надесно): Милан Матов, Илија Станоев и Михаил Станоев (седнати); Крсто Гермов-Шаќир и Никола Стојанов (стојат).


МЕЧКИН КАМЕН – ВЕЧEН СИМБОЛ НА ХРАБРОСТА И САМОЖРТВАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ВОСТАНИЦИ

Иако битката завршила со пораз на востаниците, нивниот отпор оставил неизбришлива трага во историјата, вели историчарот Михаил Патчев. Смелоста, пожртвуваноста и непоколебливата решеност на бранителите на Мечкин Камен станале пример за поколенијата по нив.

– Иако Крушевската Република траела само десетина дена, таа останала запаметена како една од првите организирани форми на самоуправа на овие простори. Во неа биле направени обиди за воспоставување еднаквост меѓу жителите, без разлика на нивната верска или етничка припадност, што претставувало напредна идеја за тоа време. Кога денес историчарите ја анализираат Битката кај Мечкин Камен, тие не ја оценуваат само според воениот исход – појасни нашиот соговорник.

Од воен аспект, востаниците не успеале да ја задржат одбраната против многукратно побројната и подобро вооружена османлиска војска. Но, историјата не се пишува само според победите. Мечкин Камен е показател дека постојат моменти кога желбата за слобода е посилна од стравот.

– Востаниците свесно останале на своите позиции знаејќи дека шансите за преживување се мали. Нивната борба станала пример за пожртвуваност, единство и непоколеблива верба во сопствениот идеал. Подвигот на Питу Гули и неговите соборци останал една од најсветлите страници во македонската историја. Нивниот пример инспирирал генерации што подоцна продолжиле да се борат за национални и демократски права – вели Патчев.

Како заклучок, историчарот вели оти Битката кај Мечкин Камен не е само приказна за еден воен судир; тоа се луѓе кои, иако бројно и материјално послаби, покажале дека љубовта кон татковината и кон слободата може да биде посилна од секоја сила.

– Питу Гули и неговите соборци не се бореле затоа што биле сигурни во победата, туку затоа што верувале дека постојат вредности што се поважни од сопствениот живот. Нивната жртва не успеала да ја спаси Крушевската Република, но успеала да ја зачува идејата за слобода. Токму затоа Мечкин Камен останува место каде што историјата не зборува само за минатото, туку и за човечката храброст, достоинството и вербата дека слободата секогаш вреди да се брани. Денес, кога стоиме пред споменикот на Мечкин Камен и гледаме кон Крушево, тешко е да не се замислиме над судбината на оние млади луѓе кои пред повеќе од еден век одлучиле да останат на своите позиции до последниот здив. Нивната борба можеби завршила на карпите над градот, но нивната порака продолжува да живее – нагласи Патчев.

Затоа, вели тој, Мечкин Камен не е само споменик од минатото – тој е вечен симбол на храброста, саможртвата и непокорниот дух на македонскиот народ.