Златна маска е откриена на локалитетот Расница кај струшко Корошишта. Станува збор за златна фолија која најверојатно била поставена преку лицето на покојникот, кој беше откриен на архајската некропола. Првичните сознанија говорат дека можеби се работи за повредна златна маска од онаа која што беше откриена во Требеништа, бидејќи е постара и датира од 6 век пред нашата ера. Покрај златната маска, пронајдени се остатоци од војник со цела воена опрема: шлем, бронзен штит, копја и меч.
„Покрај самиот шлем откривме и златна фолија, која служела и според местото каде се наоѓа и според декорацијата која има, не сме стопроцентно сигурни, меѓутоа служела за покривање на лицето на покојникот и еден своевиден тип на златна маска, која допрва во лабораторија ќе ја прво да ја заштитиме, па потоа ќе излеземе во пред јавноста да кажиме за што точно станува збор“, вели д-р Перо Арџанлиев, кустос советник.
Откриените предмети, како сребрена игла, килибарни монисти и златен прстен, сведочат дека бил погребан човек со висок статус во тогашната заедница. Допрва ќе се прават лабораториски и ДНК анализи, со кои археолозите ќе се обидат да утврдат пол, возраст, здравствена состојба, па дури и евентуална генетска поврзаност со други пронајдени остатоци.
„И одиме чекор понатаму, затоа што повеќе не се работи за едно изолирано и случајно откритие, а денес сме тука за да презентираме дека можеме со сигурност да потврдиме дека се работи за некропола“, вели Магдалена Манаскова, директорка на Националниот археолошки музеј.
„Ова е голем ден за македонската археологија, навистина овие предмети претставуваат сведоштво, како што спомена и колегата, архаички период, шести век, и се надевам дека ќе успееме во ова да обезбедиме средства, ова да биде капитален проект и да може континуирано, секоја година, систематски да се истражува“, вели Весела Честоева, директор на Управата за заштита на културно наследство.
На истиот локалитет пред 2 години беше откриена монументална гробница во која имаше надградник, дел од златна рака, златни прстени. Наодите покажуваа дека ги надмина сите досега познати архајски некрополи на Балканот. Вредните откритија се пронајдени на нива на која сопственикот садел пченка.

