Санацијата на депонијата Краста треба да се интензивира со ангажирање на дополнителна механизација, нанесување нови слоеви земја и засилено гасење на активните жаришта, одлучи на денешната седница Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово. За ставање во функција и сервисирање на механизацијата на ЈП „Чистота и зеленило“, Советот на Општина Куманово донесе одлука за пренамена на четири милиони денари од ставката „летно одржување“.

На седницата, на која присуствуваа претставници на ТППЕ Куманово, ЈП „Чистота и зеленило“, Дирекцијата за заштита и спасување, РЦУК, СВР Куманово, Советот на Општина Куманово и општинската администрација, присутните констатираа дека активните пожари на депонијата бараат координиран ангажман на расположливите сили. Општинскиот штаб препорача континуирано да продолжи интензивното гасење на пожарите и дополнително да се активираат екипите на ТППЕ Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“. Градоначалникот Максим Димитриевски на денешната прес-конференција информираше дека противпожарните екипи кои во изминатиот период биле ангажирани на територијата на соседната Општина Липково, поради големите шумски пожари таму, сега ќе ги насочат расположливите сили кон Краста.

– Имаме одредени количини земја кои веќе се истоварени таму, а во соработка со општествено одговорни компании ќе се обидеме да ја санираме состојбата. Очекувам во следните два дена да се надмине овој проблем, рече Димитриевски.
На депонијата веќе е обезбедена градежна механизација од приватна компанија, а се очекува ангажирање и на дополнителна машина. Според директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, претпријатието секојдневно врши дотур на земја со сопствените возила, но големата површина на депонијата и непристапноста на одредени делови го отежнуваат процесот. Со механизацијата ќе се нанесуваат слоеви земја и ќе се врши тампонирање на депонијата, со цел да се покријат местата каде што има согорување и да се спречи повторното активирање на пожарите.

Од Штабот е побарано Дирекцијата за заштита и спасување да обезбеди дополнителни возила со цистерни за вода, како и градежна механизација, особено булдожер, за потребите на интервенцијата и санацијата. Како една од клучните мерки е издвоена и потребата од забрзување на постапката за трајно решавање на проблемот. Општина Куманово ќе упати апел до Министерството за животна средина и просторно планирање да ја забрза постапката за избор на најповолен понудувач за изградба на претоварна станица за комунален отпад на депонијата Краста, нејзино санирање и конечно затворање.

Димитриевски посочи дека Општина Куманово е корисник на проектот, но не е финансиер на целата постапка и го очекува одговорот за завршување на изборот на изведувач, по што би требало да започнат градежните активности. Тој кажа дека Краста е децениски проблем и нејзиното трајно затворање не може да се реши само со повремено гасење на пожарите. На локацијата има насобрано големи количества отпад, како и акумулации на подземни гасови, што претставува дополнителен ризик од појава и ширење на пожари.
– Додека не се интервенира трајно со набивање со специјална опрема и извлекување на гасовите од самите акумулации на смет, овој проблем нема да биде трајно решен, рече Димитриевски.
Во меѓувреме, Советот на Општина Куманово донесе одлука за пренамена на четири милиони денари од ставката за летно одржување за сервисирање и ставање во функција на машините и механизацијата во сопственост на ЈП „Чистота и зеленило“, кои се наменети за одржување на депонијата.

Во однос на најавената блокада од жителите на Пчиња и Студена Бара, кои живеат во близина на депонијата, Димитриевски рече дека го разбира нивниот револт и дека правото на протест е демократско право. Тој апелираше на разум и најави дека Општина Куманово ќе продолжи да комуницира со жителите. Tој посочи дека доколку дојде до блокада на пристапот до депонијата, тоа би го отежнало извршувањето на јавната услуга, бидејќи ЈП „Чистота и зеленило“ има законска обврска да го собира и депонира комуналниот отпад.

Димитриевски упати и критики до опозициските советници од СДСМ и ДУИ, обвинувајќи ги дека проблемот со Краста го користат за политички цели. Тој рече дека советниците од ДУИ ја напуштиле седницата, додека советниците од СДСМ гласале воздржано при одлучувањето за мерките поврзани со ЈП „Чистота и зеленило“.

