Нов инвестициски бум на локалните власти. Ќе се градат патишта, водоводи, пречистителни станици, училишта, спортски сали. Вкупно 450 барања поднеле 63 општини за реализација на инфраструктурни проекти на вториот јавен повик на Министерството за локална самоуправа. 36 општини аплицирале со проекти во максимална вредност на парите што им следуваат согласно формулата по глава на жител. 27 општини имаат можност да аплицираат со уште проекти до максимум предвидената сума. Најголем дел од апликациите се однесуваат на модернизација на патишта, но има и дел з аизградба и обнова на училишта, спортски сали и други објекти. Министерот за локална самоуправа Перински ги повика општините да продолжат да доставуваат апликации за проекти, но и да го запазат крајниот рок до крајот на месецов.
„Оваа програма претставува клучен чекор во трансформацијата на локалните самоуправи и целокупниот развој на земјата. Владата со конкретни мерки и дела покажува дека е безрезервен партнер на сите општини, со силна посветеност за остварување на овие цели. Со заедничка и координирана работа, можеме да изградиме понапредна инфраструктура што ќе создаде и подобрени услови за живот од повеќе аспекти. Исходот од првиот повик веќе јасно потврдува дека нашите намери се реални и дека оваа програма не е само теорија, туку и практичен механизам за промените што веќе се случуваат на терен. Затоа, ги повикувам сите општини да ја искористат оваа значајна можност, бидејќи заедно, како партнери, можеме да создадеме подолгорочни и одржливи решенија за иднината на нашите граѓани “ – вели Златко Перински – министер за локална самоуправа.
Перински посочи дека 17 општини воопшто немаат поднесено барања за ниту еден проект. Тие се Сарај, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Липково, Пробиштип, Валандово, Росоман, Боговиње, Врапчиште, Маврово Ростуше, Теарце, Дебар, Струга, Битола, Крушево и Долнени. Министерот е задоволен од динамиката со која се изведуваат проектите од првиот јавен повик. 78 општини се поддржаа со финансиски средства од 73 милиони евра за реализација на 288 проекти.

„Од првиот јавен повик 251 проект е со склучен договор, 140 се веќе воведени во работа, 30 се целосно завршени, 33 се во постапка на тендерирање и само за четири воопшто не е започната постапка“ – вели Златко Перински – министер за локална самоуправа.
Само за 4 проекти одобрени во првиот јавен повик се уште не е започната постапката на реализација. Тие се изградба на пречистителна станица во Чучер Сандево, реконструкција на водоводна мрежа и модернизација и доградба на мост во општина Аеродром, како и детска градинка во општина Ѓорче Петров. За проектите имало отпочнати, но поништени тендерски постапки, кои треба да се повторат за да се избере изведувач. За вториот повик е предвидена помош за општините во висина од 245 милиони евра. Парите се обезбедени преку поволен заем од Унгарија.
