Реклама
Македонија

Обраќање на премиерот Христијан Мицкоски на 33. Генерално собрание на АБНА-ЈИЕ

Почитувани преставници и членки на  Асоцијацијата на новински агенции од балканот и…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Почитувани преставници и членки на  Асоцијацијата на новински агенции од балканот и југоисточна Европа,
Претставници на медиумите,
Дами и господа,

Чест ми е и одговорност да се обратам на оваа конференција посветена на новинските агенции – на оние што секојдневно ја пишуваат првата страница на вистината. Вашата работа не е само пренесување на вести, туку создавање на јавна меморија, градење доверба и одржување на демократијата жива. Денес, повеќе од кога било, медиумите се столб на демократските општества. Во услови на глобална поврзаност, тие не само што информираат, туку и инспирираат, обединуваат и создаваат клима за просперитет. Во време на економски и социјални предизвици, кога граѓаните бараат сигурност и надеж, медиумите се тие што можат да пренесат визија, да објаснат реформи и да ја поттикнат јавната дебата.

Нашата земја цврсто стои на ставот дека нема демократско општество без слободни медиуми. Слободата на говор е темелна вредност и ние сме решени да ја унапредуваме и да гарантираме простор каде што секој новинар може слободно да праша, да истражува и да објави без притисок или страв. Вистината мора да биде поважна од секоја политичка или економска моќ. Но знаеме и дека во ерата на дигитализација и социјални мрежи се соочуваме со нови предизвици. Дезинформациите се како вирус – брзо се шират, создаваат недоверба и можат да ја поткопаат стабилноста на државите.

Реклама

Нашата Влада потикнува и охрабрува дебата, да бидеме пример со цел да ги оспособиме младите генерации критички да ги препознаваат и анализираат изворите на информации. Во соработка со граѓанскиот сектор и со новинарските здруженија работиме на едукација, обуки и програми за борба против лажни вести. Граѓаните директно имаат пристап до владините одлуки и јавните информации. Со тоа ја намалуваме можноста за манипулации и шпекулации и градиме транспарентност.
Балканот и Југоисточна Европа долго време биле симбол на конфликти и поделби, но денес имаме нова задача – да бидеме симбол на соработка и просперитет. Медиумите можат да бидат мостови меѓу нашите земји. Еден обичен извештај за успешна регионална инвестиција, за културна размена или за спортски настан може да допре до илјадници луѓе и да создаде ново чувство на заедништво. Сакам да потсетам на иницијативата за регионална размена на вести меѓу новинските агенции, која веќе дава резултати. Кога нашите граѓани ќе читаат позитивни приказни од соседството, тогаш предрасудите се рушат, а пријателствата се градат.

Дезинформациите и неоснованите критики денес се најголемиот предизвик за медиумската сцена, но и за самата демократија. Живееме во време кога е доволно некој да објави невистина на социјалните мрежи, и таа за неколку минути да допре до илјадници граѓани. Тие невистини често се насочени да внесат страв, поделби и недоверба. Но уште поопасно е кога одредени центри на моќ свесно користат лаги за политички или лични интереси, обидувајќи се да ја девалвираат секоја искрена иницијатива и секој реформски напор.

Неоснованите критики кои се темелат на лажни информации, наместо на аргументи, ја трујат јавната дебата и ја поткопуваат довербата на граѓаните. Критика е потребна, критика е корисна, но само тогаш кога е одговорна и аргументирана. Разликата меѓу конструктивна критика и дезинформација е исто толку голема колку разликата меѓу демократија и манипулација.
Нашата Влада нема да замолчува критики, но нема да дозволи лагата да се претвори во норма. Затоа вложуваме во медиумска писменост, затоа поттикнуваме професионално новинарство, затоа соработуваме со граѓанскиот сектор и меѓународните партнери. Само преку образовани граѓани и одговорни медиуми можеме да изградиме општество отпорно на манипулации.

Нашата Влада е цврсто определена да биде партнер на медиумите. Работиме на постојано унапредување на правната рамка за независност на медиумите, вложуваме во дигитализација на јавните услуги за поголема транспарентност и отчетност, поддржуваме програми за новинарска етика и професионализација и го поттикнуваме регионалниот дијалог за слобода на медиумите преку заеднички конференции и иницијативи.

Новинарите често велат: „Веста е првата нацрт-верзија на историјата“. Но јас ќе додадам: вистинската вест е и првиот темел на довербата во иднината. Нека оваа конференција биде уште една порака дека нашите општества избираат пат на дијалог, соработка и вистина. Медиумите се тие што можат да ја променат климата на недоверба во клима на надеж и почит. И затоа, вие не сте само сведоци – вие сте градители на иднината.
Ви благодарам.