Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска, пред германските стопанственици најави изградба на нови експресни патишта и ги повика да учествуваат на повикот за третата секција за железничкото поврзување со Бугарија. Како што рече, тендерот е објавен на најтранспарентен можен начин и трае подолго, четири месеци, за да нема оправдувања дека немало време да се подготви понуда.
– Во моментот имаме еден повик за третата секција за железничкото поврзување со Бугарија. Тендерот е објавен од страна на делот за јавни набавки на Европската Унија, значи на најтранспарентен можен начин. Трае четири месеци, намерно ставивме подолг рок за да немаме после тоа оправдувања дека за еден месец или за два не можела да се подготви тендерската понуда и очекуваме и германските компании да учествуваат. Со ЕУ во рамките на планот на раст за развој на централното крило на Коридорот 8, првата фаза е реконструкција и модернизација на пругата што оди Скопје – Јегуновце – Тетово – Гостивар. Втората е Гостивар – Кичево и третата е изградба на целосно нов дел, кој во моментот не постои и кој треба да оди Кичево – Охрид – Струга – граница со Албанија. Исто така, веќе в година очекувам, доколку обезбедиме финансирање, да имаме два големи проекти во источниот дел на државата: два големи експресни патишта, кои треба да нè поврзат со Република Бугарија. Едниот оди Кочани – Виница – Делчево – граница со Бугарија, вториот оди Радовиш – Струмица – Ново Село – граница со Бугарија. Така што, тоа се дополнителни можности што се отвораат пред нас – рече Николоски на средбата со компаниите членки на АХК и Македонско-германското стопанско здружение.

Владата, напомена, ја реализира абициозната агенда во делот на инфраструктурниот развој на државата.
– Градиме нови автопати и железници и со тоа правиме конкуретни услови за влез на нови инвеститори, но се обидуваме да ги задржиме и постојните. Се обидуваме, колку што можеме, да им помогнеме на странските директни инвеститори да имаат што попријатна клима. Исто така, би сакале да мотивираме да дојдат нови. Во однос на плановите за иднината, имаме доста амбициозна инвестициска кампања во делот на инфраструктура, која далеку надминува некој логичен процент на инвестиции споредени со бруто-домашниот производ или со состојбата во буџетот – истакна вицепремиерот.

Директорката на Германската стопанска комора (АХК) и раководен член на Управниот одбор на Македонско-германското стопанско здружение, Антје Ванделт, ги поздрави тековните и планираните инвестиции во транспортната инфраструктура, особено развојот на клучните европски коридори. Во нив, рече, Германија гледа можност за натамошно продлабочување на односите со Македонија.
Според неа, функционалната и развиена транспортна инфраструктура има клучна улога во економскиот развој, а инвестициите во овој сегмент се вложувања во иднината и во дологорочната конкурентност на државата.
Како што напомена Ванделт, 70-ина проценти од извозот на Македонија е насочен кон ЕУ, а речиси 40 отсто од вкупниот извоз е наменет за Германија.
– Ова покажува колку е тесно поврзана Македонија со европскиот пазар и колку е значајна развиената транспортна инфраструктура за конкурентноста на земјата. За компаниите, кои се дел од европските синџири на снабдување, навремената испорака, сигурните транспортни правци и предвидливите логистички трошоци се од суштинско значење.

Ванделт потенцира дека германските компании располагаат со иновативни технологии, богато искуство и квалитетни услуги во оваа област и се заинтересирани да се вклучат како партнери и во идните инфраструктурни проекти.
– Навременото информирање за планираните проекти и транспарентните тендерски постапки може значително да придонесат за тоа – рече Ванделт.

